Златни браќа

Пинг – понг: Успех на Гоце и Александар Штаргоски

На државно сениорско првенство во пинг – понг во Куманово, од прилепските клубови најуспешен е најмладиот, ППК Прилеп. На пиедестал се качија браќата Гоце и Александар Штаргоски, во двојки. Ја одбранија титулата од лани. Патот до пехарот беше тежок, поради силните ривали. Ги совладавме штипјаните Кралев и Младеновски, после скопјаните Жоговски и Стојковски. Во финале имавме драма против Станојковски и Стаменковски од Кривопаланка. Поведоа 2-1, израмнивме 2-2, а во петтиот сет губевме со 10-7. Им требаше само поен, не им го дозволивме. Израмнивме и се збунија, па ја зедовме втора титула – вели помалиот, Александар. Поединечно, Александар од 36 конкуренти, е трет.

-Задоволен сум, по најтешката сезона и затворена поплавена сала. Помогнаа Општината и неколку фирми – истакнува Александар.

ППК Прилеп со браќата Штаргоски, Базеркоски и Цветаноски, со 16 победи од 16 меча го освои првото место во Првата и се пласира во Супер лигата, каде меѓу осумте тима има уште два прилепски, ППК Младост и ППК Младост 96.

Трета титула

Екипата на Младост ја врати титулата државен екипен првак во пинг – понг за сениори на супериорен начин. Ѓоко Јочкоски, Андреј Лашкоски, тренерот – играч Зоран Јованоски немаа милост. Победуваа од почеток до крај, на сите 23 меча и имаат максимални 46 бода.

Младост беше шампион во сезоните 2008/09 и 2009/10.

Loading