47 МТФ,, Војдан Чернодрински,,
МТФ “Војдан Чернодрински”, по 47 пат, ќе ја крене завесата за божицата Талиа да се поклонат сите вљубеници во театарот од први до осми јуни со понуда од 13 претстави во конкуренција. Стартот е доверен на МНТ со претставата “Свадбата на Фигаро” од Бомарше, во режија на Леван Цуладзе. Уметничкиот директор Петар Темелковски најави атрактивни и квалитетни претстави. Радосен сум што годинава има плодна продукција, добри творци. Восхитен сум од амбицијата и определбата на колегите и театрите да се зафатат со “железен репертоар”. Публиката ќе види претстави по текстови на големи мајстори на уметноста, како Пушкин, Чехов, Бомарше, Ками, Крле, Мрожек. Театарите осознаа дека младите колеги, кои доаѓаат, најмногу се доизградуваат во вакви претстави – рече Темелковски.
Според Сенко Велинов квалитетот на Фестивалот е во нагорна линија.
– Порано немаше голем избор, а сега Темелковски се соочи со “слатки маки” да го одбере најдоброто од големата продукција. Секоја година, чекор по чекор, Фестивалот оди напред – изјави Велинов, претседател на ИО на Фестивалот.
На отворањето ќе се доделат наградите за животно дело на сценографот Владимир Ѓорѓиевски и на актерите Незакет Али и Владимир Светиев. Фестивалот ќе му додели постхумно награда за животно дело на починатиот актер Кирил Ристоски.
Ќе се понуди и богата придружна програма
– Ќе се придружиме во изработката на монографија на Ристоски што ќе ја работат МНТ и ФДУ. Една од трибините ќе биде посветена на “Видувањата за новите форми во театарот” – потенцираше Темелковски.
Редоследот на претставите не е утврден, поради усогласувањето на термините со театрите. За скоро време ќе биде позната и придружната програма. Темелковски изрази благодарност на Министерството за поддршката со оглед на сите тешкотии што ја следат оваа област.
Претстави во официјална програма за 47 МТФ
“ВИШНОВАТА ГРАДИНА” од. Чехов, режија Ѕвездана Ангелковска, Народен театар – Битола
“КАЛИГУЛА” од Албер Ками, режија: Зоја Бузалковска, Театар Прилеп
“ГЕНЕТИКА НА КУЧИЊАТА” од Венко Андоновски, режија: Дејан Пројковски, Драмски театар – Скопје
“ЖИВОТОТ НА МОЛИЕР” од Михаил Булгаков, режија: Александар Поповски, МНТ – Скопје
“СВАДБАТА НА ФИГАРО” од Бомарше, режија: Леван Цуладзе МНТ – Скопје
“ШЕХЕРЕЗАДА И ШАХРАЈАР” режија: Дејан Дамјановски, Турски театар – Скопје
“ЗМЕЈ” ОД Евгени Шварц, режија: Шкипе Н. Дука, Албански театар – Скопје
“ОЊЕГИН” Од А.С. Пушкин, режија: Ѕвездана Ангеловска, Народен театар Ј.Х. Џинот – Велес
“СО ТУПАНИЦА НА НОЖОТ” Од Аугусто Боал, режија: Сулејман Рушити, тетовски театар – Тетово
“ПОЛИЦАЈЦИ” од Славомир Мрожек, режија: Андреј Цветановски, Народен театар – Охрид
“ПАРИТЕ СЕ ОТЕПУВАЧКА” од Ристо Крле, режија: Александар Ивановски, Народен театар – Штип
“СЕКСУАЛНИ НЕРВОЗИ” од Лукас Берфус, режија: Александра Кардалевска, Народен театар А. Панов – Струмица
“ОКОЛИСКА БОЛНИЦА” од Христо Бојчев, режија: Јане Спасиќ, Народен Театар – Куманово