Зенит и Регионалана стопанска комора вечерва прогласуваат бизнис за 2011 година
Со мало задоцнување, поради аналитички пристап годинава имаме мајски избор за бизнис на годината. Низ страниците за бизнис 2011 година претставивме бесплатно десетици фирми. Ги забележавме за историјата нивните подеми и падови, го афирмиравме нивниот бизнис, со анализи, алудиравме законски измени, поттикнавме конкурентска акција, стимулиравме инвестиции…
Низ приказните за трнливиот бизнис пат, се ставивме во служба на стопанството, на компаниите, мали и големи, средни и дуќани, со цел да им помогнеме во развојот или опстанокот. Во соработка со Регионалната стопанска комора, констатиравме дека прилепската економија, каде се “печи лебот” е доста жилава, отпорна на внатрешни и надворешни слабости. Стопанствениците со висока способност за менаџирање демонстрираа издржливост, борбеност, готовност да се фатат во костец со тешкотиите, да ги елиминираат пречките на бизнис курсот и да напредуваат. Веруваме дека на некои им помогнавме да успеат, ги охрабривме да направат уште еден обид, да не се предаваат на комплицираните проблеми, туку да се втурнат во нивното суштинско решавање на маките. Сметаме дека на некои им ја уништивме малодушноста и ги окураживме да се зафатат со акција за спас. Многумина одолеаја на неповолни текови, уште повеќе созреаја и се искалија, па направија упешен нов чекор напред. На некои можеби не им помогнавме, но со пренесените искуства од еснафот, убедени сме дека им бевме сојузници и, во најмала рака, не им одмогнавме.
Бевме и ќе бидеме заговорници за подобрување на бизнис амбиентот, па и на локално ниво. Тоа е суштината на манифестацијата Бизнис на 2011 година, која трета година ја организираме и сме со намера да не ја прекинуваме. Низ страницата за бизнис, а и во другите текстови, успеавме да ги поттурнеме властите да го забрзаат процесот на подготовка на индустриската зона Прилеп 1, каде повеќе фирми најдоа локации за развој на бизнисот со купување на плацеви за нови погони. Дадовме свој удел и во настојувањата на локалната самоуправа за претстојните зафати за подобрување на бизнис климата, како што се подготовката на бизнис зоната Сточен пазар, спроти Жито Прилеп….
Заокружуваме уште една манифестација вечерва во ресторанот Сонце, со свечено доделување на признанијата Избор на бизнис за 2011 година, во трите категории по три компании од малите, средните и големите претпријатија.
Останува приоритет да ни биде отвореноста и соработката со приватните бизниси со цел да ги доближиме до јавноста. Отстапуваме простор за манифестацијата “Изборот на бизнис за годината 2012”, на кој сопствениците на малите и средни фирми, ќе можат бесплатно да ја изнесат идејата и развојот на бизнисот.
![]()

