Продаден плац за деветкатница

          Локалната самоуправа, на електронска аукција, продаде плац од 2500 метри квадратни за градба на деветкатница на улицата “11 Октомври”. Станува збор за парцела за градба на станови со приземје за деловни објекти и девет ката плус потпокрив. Локацијата ја купи градежната фирма Изофас, во силна конкурентска битка со струмичка компанија. Метар квадратен достигна 4080 денари.

          Градот продал и една мала локација од 60 квадратни метри за деловен објект во близина на станбената зграда.

          Откако ќе се уплатат околу 10,9 милиони денари во локалниот буџет, инвеститорот треба за шест месеци да го подготви проектот за градба, да обезбеди градежна дозвола и да ги плати комуналиите. Зградата треба да биде готова најдоцна за шест години.

          Локалните власти ќе понудат уште неколку парцели за градба на станови за владиниот проект “Купи куќа – купи стан”. Се подготвува деталниот план за околу 400 парцели за куќи во идната елитна населба Градина и за неколку стотина станови во тринаесткатници кај Касарната.

          На електронско наддавање, неодамна се продадени 16 бизнис парцели за фабрики во индустриската зона Прилеп 1. 

Loading