Наталитетот опаѓа – бројот на ученици расте

Николче Кузески, директор на ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”

Кариерата во образовниот процес, Николче Кузески ја почнал во 2004 година како одделенски наставник, а од 2009 година е директор на ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”. Според уредбата, образовната установа треба да ги прима децата од Вишне, Аличаир, Ѓогдере и Подкасарни. Училиштето располага со висококвалификуван кадар, според оценката на Државниот просветен инспекторат. Вкупно 53 наставници се грижат учениците да добијат настава и услови по најмодерен терк. Има и 14 административно – технички припомошен персонал кој помага на учениците – вели Кузески. Иако важи за едно од најстарите училишта, изградено во 1960 година, во последниве години доста се вложува училиштето да не го “гризе времето”. Според критериумите на ДПИ за наставни планови и програми, училишна клима, раководење и управување со ресурси и постигнувањата на ученици сме највисоко оценети. Инспекторите утврдуваа со анонимни анкети, бидејќи не им веруваа на извештаите – се пофали директорот.

Крај на пампурите

            По преземањето на директорската функција, Кузески презел чекори: проект за мотивирање на учениците за учење, намалување на отсуствата, поддршка за учење во соработка со родителите и учениците и доследно почитување на стандардите за оценување. Од инфраструктурни зафати, капитални се санирањето на фасадата, која сега можеби е најдобра, промена на дотраената дограма со нова ПВЦ за топлинска и звучна изолација за подобра клима во училниците, делумна промена на подот со ламинатни подлоги, инсталација на громобранска заштита, се уредил училишниот парк со амфитеатрални училници на отворено кои, според зборовите на директорот, доста се користат во пролетниот период.

            – Недостасува, а нужна е спортска сала. Благодарни сме до раководителот на СОУ “Ѓорче Петров” за разбирањето за услугите за користење на нивната сала. Аплицираме со добра програма до МОН за проектот “нови сали за основните училишта”. Министерот Кралев  вети дека за најкус можен рок ќе се изгради објект, бидејќи располагаме со соодветна дворна површина. Изработена е и финансиска конструкција за промена на греењето со централно парно и радијатори. Добивме уверување дека летово ќе се заврши проектот за следната сезона да се фрлат пампурите – рече Кузески кој ја пофали соработката со советот на родители и додаде дека конструктивните сугестии се труди да ги оствари.

Дополнителна настава во сабота

            Уникатноста на училиштето е што бројот на запишани деца расте секоја година, покрај намалениот наталитет. Заради квалитетот на наставата има барања од родителите, на кои се одговара позитивно, децата да учат во ова училиште, иако територијално не припаѓааат тука. Така расте бројот на учениците во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”.

            Дисциплината е на завидно ниво.

            – Инспекторите се изненадени од  тоа што училиштето работи шест дена неделно. Сабота е ден за дополнителна. Негуваме и одржуваме другарски однос со учениците, почитувајќи ги нивните мислења и сугестии – рече директорот.

            Одличната соработка со локалната самоуправа и градоначалникот и редовните средби со советникот Марјан Матракоски ја надополнуваат со соработка со МВР, Црвен Крст, Центар за справување со кризи и за противпожарната превенција. Плановите за заштита и спасување, за проценка за можните опасности и за евакуација според ДПИ се пример кој треба да го следат останатите училишта.

            – Педагогот и психологот се активно вклучени во програмата за професионална ориентација при изборот на средно училиште. Им помагаме во понатамошниот образовен процес со преглед на досиејата и афинитетите на децата – додаде Кузески.

Сами за себе

            – Во соработка со Советот на родители организираме два панаѓури, едниот за Нова година, а другиот за Велигден. Со собраните средства беше набавен копир апарат и проектор за интерактивна настава – кажа директорот.

Loading