Комуналец, со 24 милиони денари од општинскиот буџет, и од други извори го стави во употреба новиот модерен царински терминал, кој ќе им овозможи на стопанствениците во регионот побрзо и поефикасно да ги извршуваат извозно – увозните активности. Терминалот ќе придонесе и за за поттикнување на побрзиот регионален економски развој. По неколку месечниот прекин со работата, осовременет е магацинот, поставени се царински рампи, вага, платформа, асфалтиран е паркинг од пет илјади метри квадратни и изградени се простории за царината и шпедициите за спроведување на царинските постапки. На свеченото пуштање на терминалот, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека фирмите полесно, поедноставно и со помали трошоци ќе можат да ги царинат извозните стоки, со што ќе се подобрат условите.
Ванчо Каргов, директорот на Управата за царини, појасни дека од 2008 година се поставени нови критериуми за царинските терминали, а прилепскиот сега ги обезбеди сите услови.
– Мислам дека со терминалот, ќе може да се царинат и автомобили – додаде Каргов.
Министерот за финансии имаше средба со членовите на економско – социјалниот совет, при што беше запознаен со интересот на бизнисмените за локации за градба на фабрики во индустриската зона Прилеп 1, каде се продадоа 16, од 21 понудена парцела на две електронски аукции.