Триесетина книжни икони од збирката на Завод и Музеј од Прилеп, единствени во Македонија, од вечерва ќе бидат изложени во галеријата на Музејот во Нови Сад, Србија. Раритетните листови ќе ги запознаат новосаѓани со големото македонско богатство – вели Гордана Данилоска – Спироска, директор на Завод и Музеј – Прилеп. На уникатните икони од 18 и 19 век, се претставени ликови на чудотворни светители, религиозни композиции и манастирски комплекси на Света Гора. Најстарата, на која е претставена Богородица Ватопедска, датира од 1763 година и ја изработил Џулијано Зулијани во Венеција. Печатени се во Виена, Венеција, а сликани во манастирите на Света Гора од Захариј Орфелин, Партениј Закинтос, Антим од Пелопонез, Кирил Монах и Тома Сидор – вели Илија Велкоски, советник кустос во Музејот. Заводот и Музеј од Прилеп поседува над 200 икони, кои биле пронадени на таванот на црквата Свето Благовештение,а реставрирани се околу 40.
Иконите претходно ги видоа љубителите на културата и уметноста од Њујорк, САД, во Риека и во Лудберг во Хрватска.