ГОЛЕМИ И ВО ПОРАЗИТЕ

Фудбал: Достоинство во 11 Октомври

Можеби најчистиот фудбал се игра оваа сезона од страна на 11 Октомври. Тимот, иако последнопласиран, со главата горе се натпреварува со прволигашите, бидејќи има со што да се пофали, а тоа е големината на екипата без оглед на исходот. И при реми и пораз, незаслужен како во неделата од Напредок во Кичево (2-0) играчите се достоинствени. Ветивме да играме до крај чесно. Безмалку, ниеден ривал не не надиграл. Од никого не се плашиме. Играме чисто спортски и се надигруваме – порачува Тони Наумоски, тренер на 11 Октомври. За младата екипа, собирањето искуството е превенствено. Голобрадите тренираат како професионалци двапати дневно и секој нареден меч го чекаат со невидена желба. Небаре се борат за титула. Амбиција им е да забележат прва победа, откако ги води Наумоски. Всушност, таа би била прва пролетна. Нема триумф од 24 ноември, од лани, кога беше победено Турново.

– В недела дома играме со Охрид 2004. Ривалот е силен и ако не совлада, од срце ќе му честитаме. Имаме квалитет и се надеваме на првите три бода – вели Наумоски.

Мечот се игра од 16,30 ч. 

Loading