Мегу 23 учесници на “Гим- фест”, програмата на гимназијалаците, покрај класичните и модерни танци, со соло пеењето, блесна гласот, небаре Павароти, на надежниот тенор Стефан Неданоски. Со аријата Уно фортива лагрина, ученикот од трета година ги восхити локалните челници, градоначалникот Марјан Ристески како и Владиката Петар. Аплаузи и бис побараа целата сала во ЦК “Марко Цепенков”. На нозе ги крена интерпретацијата со емоции и продорниот глас со “парчето” од музиката на класикот Доницети. Стефан ја совладал тремата со вежбањето и инструкции на професорот Цветан Стојаноски. Психички се подготвувал и се спремал за манипулација со дишењето преку дијафрагма, што се важни елементи во оперското пеење. Затоа ја освои и Гран при – наградата.
Реткиот талент разгледува по интернет надградба на гласот. Конзерваториумот во Њујорк или Рим се одлична прилика. Не е за потценување и скопската академија. Сака да пее на миланската “Скала” како неговиот идол Пласидо Доминго. Летово ќе продолжи со тенисот, затоа што потребно е да ги развива белите дробови преку спортот.
Стефан изрази задоволство од организациската подготовка на професорката Тања Иваноска. Покрај гран прито на Стефан, прво место освоила Михаела Мицеска, втор бил Никола Дукоски, а третото место било за Димитар Темелкоски и неговата вокална и инструментална придружба, Бојан Шлакески.