Ветеранки Тутунски – Кометал на 23 мај
Конечно официјално најавен е долгоочекуваниот спектакл – ревијалниот ракометен меч на ветеранките од некогашните легендарни клубови Тутунски комбинат и Кометал Ѓорче Петров. Местото е во сала “Македонија” или “Сонце”, на 23 мај. Гостинките доаѓаат со состав кој има титула европски шампион: Нацева, Кастратовиќ, Велкова, Чупиќ… Која од која поголема ѕвезда. Фановите ќе ја окупираат Србинката Будимир…. Тренери се Бошковски и Радиќ. Тутунски е со тимот со кој влезе во југословенската лига: Милошеска, Наумоска, Белокапоска, Силјаноска, Филипоска, В. Аџулеска, Митеска, а продолжуваат помладите Шокоска, Стојческа, Дисоска, Ангелеска, Самарџиоска… Тренер е Петар Кузманоски.
За РФМ, манифестацијата е спектакл. Доаѓа бројна делегација, со некогашниот судија Неделковски.
Повозрасните ќе се присетат на минатото, кога тимовите играа првенствени мечеви. Во сезоната 87/88, Ѓорче Петров победи два гола разлика дома, а во Прилеп пред три илјади навивачи беше плус 12 за Тутунски. Можно е за предигра да се одигра уште еден ветарански меч меѓу некогашните првотимци на Тутунски и Пелистер, предводен од Манасков.
Најавено е формирање на ветеранска лига, а вечерта ќе има и промоција на книгата “Ракометот во Прилеп” од Миле Талески. Сите собрани пари од влезниците се наменети за помош во изградбата на новата црква “Света Петка”.