Три сценарија

Фудбал: Каков фудбал во иднина во Прилеп?

Тешки денови преживува фудбалот во најфудбалскиот град. Екипата на 11 Октомври по само една година веднаш отпаѓа од прволигашкото друштво. Во втората лига уште, можеби до крајот за опстанок ќе се бори Победа јуниор, додека во Третата лига во голема неизвесност за зачувување на врвот е Корзо. Никој што го сака овој спорт, а такви има многу, ни оддалеку не е задоволен со актуелните случувања. Маката е дека од лошо може да биде полошо. Ако во минатото Победа атакуваше на трофеи и излез во Европа, по згаснувањето алтернатива се гледаше во 11 Октомври, сега следи – празнина. Нема тим кој ќе го афирмира и прослави градов. Што ќе се случува натаму? Во опција се барем три сценарија. Првото е најтешко изводливо. Градот да се обедини како порано. Ако некогаш сите ја сакавме и помагавме за Победа и сега да застанеме сите зад клубот кој има најголема перспектива. Пет – шест водечки фирми да вложат по малку и ете солиден годишен буџет. На ова се гледа со скепса, бидејќи пресно е искуството од Витаминка, која остана осамена и беше неминовно да се повлече.

Второто сценарио е црно. Песимистите предвидуваат пропаст. Тешко е три екипи во исто друштво, во Втората лига. Дали сите ќе учествуваат, бидејќи се потребни услови, котизација и слично. Како ќе се распореди играчкиот кадар? Многумина се плашат да не тргне се надолу и да се остане без второлигаш. Ако нема спонзори, ништо друго нема, туку само – распад.

Третото сценарио е најреално. Градот веројатно ќе собере сили барем да финансира второлигаши. Голема грешка е да се дозволи  пропаѓање. На пример, 11 Октомври има надежна генерација. Се зборува дека за минимални услови клубот ќе добие поддршка и нема да се грижи за основните трошоци. Клубот ќе функционира аматерски, а на фудбалерите е да докажат со игра и резултати дека заслужуваат повеќе.

Без прволигаш, најоштетена ќе биде публиката. Жално е да не се почитува што сака најмногу овој град, а за тоа кажува речиси секогаш полната трибина на стадионот “Гоце Делчев”. Иако 11 Октомври е последен и одамна отпаднат, дојдоа близу 3 000 гледачи на мечот со Вардар.

Loading