Слики и инсталации од битолски автори

Вечерва во ЦК “Марко Цепенков”

“Слики и инсталации” е тематската изложба на дела од тројца битолски автори која вечерва од 20 часот ќе биде отворена во галеријата на ЦК “Марко Цепенков”. Со слики и инсталации ќе се претстават уметниците Драган Најденовски, Владимир Симоновски и Стефан Малбашиќ. Нивната изложба, иако на прв поглед содржи одредена визуелна хетерогеност, во суштина е суптилно поврзана со специфичен идеен концепт, втемелен на одреден естетски идеал, творечки и креативен импулс кој има свои длабоки причини и корени. Авторите велат дека ја истражуваат тајната, која е над говорот, над стварноста, над секојдневноста. Тајната е во своевиден ликовен апсолутен говор со свое длабоко значење, траење и неопходност – потенцираат уметниците. Делата на Најденовски се карактеризираат со зрелост и скоро совршена прочистеност. Неговиот однос кон композицијата, колоритот и линеарноста, слободно се движи без никакви дилеми или преиспитувања. Симоновски, иако е од помладата ликовна генерација на Битола, има специфичен ликовен израз. Тоа се дела со прочистен, растоварен, елементарен израз. Малбашиќ, целосно е посветен кон ликовноста. Неговиот израз во иконографијата има свој специфичен пат кој директно е во корелација со повеќевековната традиција и разговор со теолошкиот бескрај – вели Владо Ѓорески.

Loading