Штафетата во мај

Мај е месецот на младите, а 25 мај беше празник на младоста. Во некогашната Југославија, младите од Триглав до Гевгелија неколку месеци, симболично, преку штафетна палка, ја пренесуваа пораката за поранешниот водач Тито дека “народ кој има ваква младина, не треба да се грижи за својата иднина”. На 25-иот ден од месецот на цветовите, се крунисуваше штафетното движење на стадионот ЈНА во Белград со предавање на Тито за неговиот роденден на голем младински слет со учество од неколку десетици илјади млади. Штафетата не го одминуваше и Прилеп. Се задржуваше по училиштата, по плоштадите, носена низ кордон граѓани кои фрлаа цвеќиња. Беше чест, гордост да се фати в рацете штафетната палка. Трепереше срцето, а штафетоносачите се избираа низ “сито и решето”. Влакно не требаше да фали во биографиите и на придружниците. Сите беа потковани со знаења, носители на полно награди и резултати. Се избираше срж, најодличните, спортистите со највисоки резултати, најпримерните војници, студентите без деветка во индексот, работниците – ударници. Штафетата ноќеваше неколкупати во Прилеп. Се организираа импозантни приредби со богати културно забавни програми од кои јасно се гледаа политичките пораки на Тито и СКЈ. Доаѓаа од каде не естрадни ѕвезди, политичари, режисери, сценографи, сценаристи новинари. 

Loading