Дует на брачните сопатници Горде и Гоце Стојкоски
Ги “палат” и црногорските туристи, покрај незаборавните забави во охридските, прилепските… ресторани
Горде и Гоце бенд се невообичаен склоп на музички уметници. Од брачната двојка Стојкоски, Гоце е академски музичар по теорија и педагогија, а понежната половина е дефектолог. Горде уште од мала имала афинитети кон музиката. Учествувала во училишни хорови и пеела на сите детски музички фестивали. Отсуството на официјална музичка наобразба ја спречило да биде студент на музичката академија. Затоа го избрала факултетот по дефектологија, гледајќи допирни точки со учењето на децата преку музика. Како девојка со високи хумани потенцијали и вредности се стремела идната професионална определба да ја посвети на животот на децата со специјални потреби, користејќи ја успешно музикотерапијата.
Убавиот глас надалеку се слуша
Пееле и свиреле без да се познаваат до 2000 година, а после се заљубиле еден во друг и љубовта ја крунисале со венчавка. По четиригодишно “штимање”, го формирале бендот Горде и Гоце. Свиреле и пееле по кафулиња и на приватни забави. Негувале репертоар што им лежи на публиката.
– Поп, забавна, странска, екс-ЈУ музика бараа помладите. Што погласно, тоа подобро – вели Гоце низ смеа.
Бидејќи е просветен работник во ОУ “Добре Јованоски” и во музичкото училиште “Орде Михајлоски – Оцка” Гоце “знаел како стојат работите” и не ретко бил повикуван за свирка во ресторани за прослава на полуматурски, матурски и други приватни прослави. Оттаму почнал кариерниот пат на бендот.
Уникатноста на Горде и Гоце бенд е во тоа што има женски вокал, и тоа со свилен глас. Како што велат Стојкоски, сами менаџираат, оти слушателите ги бараат за понатамошни свирки, а присутните ги “капарат” за своите забави. Не им е потребна реклама, оти во вистинска смисла на зборот “убавиот глас, далеку се слуша”.
Дека надалеку се слуша, потврда стигнала и од Црна Гора. Летото во 2008 година биле забавувачи на туристите на јадранскиот црногорски брег. Долгите аплаузи на посетителите и поканите се верификација дека се претставиле во најдобро светло. Особено ја кревале температурата со староградската македонска музика – Билјана платно белеше, Море сокол пие, и понекоја од Тоше.
Нежен репертоар за уво
Етаблирани се и на македонската естрада. “Пустошат” низ македонските кафулиња, ресторани… Барани се во елитните ресторани во Охрид и другите туристички места, оти свиреат нежно и ја “параат” душата.
Викендите им се постојано зафатени, освен ако не им се “погоди” некоја свадба. Конкуренција имаат, ама не се плашат, затоа што умеат да создадат запаллива атмосфера, која не ги држи гостите мадро на столица. Велат дека репертоарот го избираат според желбите на гостите во угостителскиот објект. Главно прават клима за уво.
– Не исполнуваме несоодветни песни, ако не се на нивото на објектот. Сакаме сите гости да уживаат во нежноста на музиката, а не само поединец – вели Гоце, кој заедно со Горде се забавувачи не само од бизнис, туку и од сопствен ќеф.
Ангажманите ги планираат да се “состават сите коцки”. Гоце е наставник, треба да се усогласи со терминот на работа на Горде, која работи во едукативниот центар за деца со посебни потреби “Светлина”.
Оптимален број е два. Тројца се метеж – како што велат. Затоа дуетот функционира беспрекорно. Повремено се засилуваат со свирач за дувачки инструменти, ама главно “оперираат” сами.
– Се преориентираме од рок и поп, на староградска, затоа што во рестораните е различна публиката отколку во кафулињата. Ама може во секој момент да “смениме брзина” и да се вратиме на “корените” – вели Горде.
Сакаат досегашниот успех да го надополнуваат и пошироко да се слушаат и надвор од Балканот.
За талент, не треба ,,чколија,,
Откривајќи дел од тајните на убавиот глас, Горде кажува дека избегнува газирани пијалоци и конзумира мед, што во голема мерка и помага да ги пее песните каде вокалот “игра главна улога”.
– Кога се зедовме со Гоце, ме подучуваше на техниките на пеење, бидејќи тоа му е професија. Немам формално образование и немам почувствувано потреба за такво нешто – вели поубавата половина на бендот.