Кон медалите 1000 средношколци

Гимназијада 2012: Градов домаќин на најдобрите од цела држава

Прилеп ќе биде домаќин на значајна спортска манифестација – Државни спортски игри за средни училишта “Гимназијада 2012” од 10 до 13 мај. Доаѓаат близу илјада најдобри спортисти средношколци од целата држава. Организаторите, локалниот Сојуз и Федерацијата на училишен спорт, привршуваат со подготовките. В четврток во 21 часот на плоштадот “Александрија” е свеченото отворање со дефиле на сите учесници. Предвидено е сценарио со богата програма – најавува Здравко Ристески, претседател на Сојуз за училишен спорт. Во сите дисциплини партиципиенти има од градов. Најголем број се од Гимназијата “Мирче Ацев”, со екипи во одбојка женски, ракомет машки и женски и футсал машки. Одбојка машки се од “Кузман Јосифоски – Питу”, футсал женски од “Ристе Ристески – Ричко”. Преостанува да се одбере претставник во голем фудбал низ градските квалификации денеска  и в понеделник.

– Лани градов имаше помалку претставници и не освоивме медал. Сега е шансата пред својата публика – вели Ристески.

Низ слободен влез ќе се следат интересни натпревари во повеќе објекти. Ракометот е во сала “Македонија”, кошарката во арена “Сонце”, одбојката во СОУ “Ѓорче Петров”, голем фудбал машки на Могила, женски на Градски стадион, атлетика на патеката од Спортскиот центар “Маркови кули”, футсал машки на Могила, на вештачка трева, а женски на игралиштето “Гром”. Во план е промоција на стреличарството, на Могила.

– Најдобрите ќе освојат пехари, дипломи и медали. Овозможени се и летни кампови, каде тренери ќе бидат легенди, како лани Пепи Манасков – заврши Ристески.

Поддржувачи на манифестацијата се Локалната самоуправа и градоначалникот Марјан Ристески, Агенцијата за спорт и млади, Министерството за образование и наука, а генерален спонзор е АД Жито Прилеп.

Loading