Кариерски пристап и виртуелни компании

Гимназијалци и економисти

“Вриеж” матуранти и академски граѓани во фискултурната сала од Гимназијата. НВО Гемус ја спроведуваше американската идеја “Ден на кариера” на наша почва. Со ротаријанците и логистичка поддршка од менаџментот на Гимназијата, на едно место се собраа средношколци од сите училишта и академци. Над 30 претставници со завршени факултети ги насочуваа матурантите кон факултетот кој “им лежи”. Матурантите со “милион” прашања, а граѓаните со диплома со одговори да се запознаат младите за плусевите и минусите на факултетите за кои мечтаат, за да не “запливаат во матни води” и да се чудат како завршиле факултет за кој немале доволно познавања. Турканици имаше кај Правниот, Економскиот и Филолошкиот факултет. “Математичарите” се редеа кај Електро машинскиот факултет. Имаше заинтересирани и за полициска академија, за фармација и медицина. Економското, да не “остане покусо” имаше “Ден на училишни компании” во ЦК “Марко Цепенков”. Првпат манифестацијата имаше натпреварувачки карактер со гости од Гостивар и Струмица.

            Директорката на СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”, Наталија Ацеска, посочи дека манифестацијата претставува стекнување драгоцено искуство. Виртуелната вежба, ќе биде реалност со завршувањето на образованието. Така учениците “играа” издавање “кредитни картички” од милион денари и “купуваа” производи од училишните компании, кои претставуваа мимикрија на вистинските од каде што ги зеле производите. На штандовите, 40 прилепски “берзанти” и 20 од Гостивар и Струмица делеа визит карти, брошури и ги “продаваа” производите. Работата на учениците беше поделена како во реалноста – од магационер до менаџер. 

Loading