Во обичната комуникација, под влијание на српскиот јазик, често се употребува именката глумец. Оние што знаат дека не треба така го употребуваат зборот артист. Но, артист значи уметник воопшто. А за театарските уметници најточен е зборот АКТЕР. Се користи тој збор, но недоволно. АКТЕР е човек кој учествува во нешто, во некоја игра, човек кој дејствува. А основната задача на театарскиот уметник е да игра, да дејствува на сцената. Во бугарскиот јазик е АКТЈОР, веројатно формата е преземена од рускиот, каде што исто така се вика АКТЈОР. Во словенечкиот јазик е ИГРАЛЕЦ, човек што игра, што учествува. За времето на Југославија Словенците не го прифатија зборот глумец, но нам тоа ни е својствено. Во некои кругови и сега, како да се сака да се форсира зборот ГЛУМЕЦ. Дури и се измисли еден чуден, незгоден збор ГЛУМИШТЕ. Често слушаме – “Доајен на македонското ГЛУМИШТЕ”. Што значи тој збор? Дали знаат и тие што го употребуваат? Да се обидеме да му го најдеме значењето и потеклото и ако зборот не е наш и е непотребен.
Во македонскиот јазик постојат три варијанти кога именката има наставка ИШТЕ (која може да биде и проширена – ЛИШТЕ).
Првата варијанта е кога се формира именка од некој глагол: ПАСЕ – ПАСИШТЕ, ЗБИРА – ЗБИРАЛИШТЕ, ШЕТА – ШЕТАЛИШТЕ. Вака добиените именки, како што гледаме, означуваат некакво место.
Втората варијанта за именки со наставка ИШТЕ ја имаме кога добиваме именка од именка. На пример: ПАЗАР – ПАЗАРИШТЕ, ОГАН – ОГНИШТЕ. И овие новодобиени именки означуваат место, како и претходните.
Третата варијанта е кај аугментативите, каде што се манифестира негативен чувствен однос: БАБА – БАБИШТЕ, ДЕТЕ – ДЕТИШТЕ, ЖЕНА – ЖЕНИШТЕ.
Во која, од овие три варијанти, ќе се најде зборот ГЛУМИШТЕ?!
Во првата, од глаголот ГЛУМИ би се добила именка ГЛУМИШТЕ, значи, место каде што се “глуми”. Но, тешко ќе се определи таквото место (македонското ГЛУМИШТЕ), освен ако се мисли на сите македонски сцени кои би претставувале еден замислен простор, едно ГЛУМИШТЕ. Можеби поточно е ГЛУМАЛИШТЕ, како ШЕТАЛИШТЕ. Но, не сме наполно уверени во сево ова.
Ако се земе втората варијанта, од именката ГЛУМА со додавање на наставката ИШТЕ ќе се добие пак некое место каде што се “глуми”. Но, кое би било тоа место? Веројатно, пак сите сцени. И овде, можеби би било посоодветно наставката да биде проширена како и во претходниот случај – ГЛУМАЛИШТЕ.
Формата на зборот ГЛУМИШТЕ најмногу прилега на третата варијанта, кај аугментативите, каде што се има негативен чувствен однос како кај БАБИШТЕ, ЖЕНИШТЕ. ГЛУМИШТЕ би била некоја пренагласена, претерана, исфорсирана, неубава “глума”. Но, сигурно е дека тие што го употребуваат овој збор, нивната цел не би одела во таква негативна насока. Уверени сме дека тие што го употребуваат овој збор, не мислат многу на неговото потекло, па и за неговото прецизно значење. Едноставно, се прави тоа по некоја чудна инерција. Некој го рекол, друг го повторил и така тоа се шири и се пренесува од еден на друг.
Сево ова го пишуваме за да можеме, барем приближно, да го најдеме вистинското значење на овој збор – ГЛУМИШТЕ. Инаку, тој е непотребен, погрешно влезен во нашиот јазик и погрешно модифициран.
Наместо ГЛУМИШТЕ, во нашиот јазик најдобро е да се користи именката АКТЕРСТВО. “Доајен на македонското АКТЕРСТВО”. И овде станува збор за именка добиена од именка (актер – актерство ), но таа нема да ни покажува место, туку ќе определува една дејност. Дејност која се извршува со актерска игра, со АКТЕРСТВО, со АКТЕРСКО ДЕЈСТВО.
На зборовите ГЛУМА, ГЛУМЦИ, ГЛУМЕЊЕ, не им е местото во нашиот јазик. А ГЛУМИШТЕТО не треба да го погледнеме ни од порта. Подалеку нека е. Заедно со оние кои го форсираат а и самите не знаат зошто!
Не ГЛУМИШТЕ – АКТЕРСТВО!
Благоја Ивчески