Фотка од стакло до компјутер

Традиција од седум ипол децении на Фото Зрак

Александар Десоски, од третата генерација, го збогатил бизнисот со машина за фотографии со широчина од 1,6м. и неограничена должина и се доближува до печатарството

Фирма која одолеала на времињата и ги поминала премрежјата во бизнисот е фотографската куќа со 76 годишна традиција, Фото Зрак. Можеби е една од најстарите фирми, после пиварницата. Александар Десоски се гордее што е потомок на семејството фотографи со длабок корен. Фотографскиот дуќан зад автобуската станица е наследство од 1936 година. Темелот го поставил дедо му Василе. На крај на умот не му доаѓало дека стариот апарат, стаклото, развивачот, фиксирот и останатите материјали, внук му Александар ќе ги замени со компјутери. Придонес во подемот дал и татко му на Александар, Мате. И, “крвта, вода не бидува”. Сопственикот од третото колено, “задоен” со фотографија кинисал по патеката трасирана од претците. Но, нема да ги притиска децата да ја негуваат семејната традиција, иако четиригодишниот син ги “плетка прстите во бизнисот” со сечкање. Кај седумесечната ќерка допрва ќе ги открива афинитетите.

          Над седумдецениската заднина, му помага на младиот Десоски. Но, се пропаѓа без квалитет. Со континуитет на квалитетот и со осовременување ја одржува традицијата. Не се потпира само на “старата слава”. Не седи со скрстени раце. Секоја генерација носи нешто ново. Мате ја инсталирал колор техниката, а Александар, по повеќето инвестициски зафати, бизнисот го збогатил со поставување на машина за фотографии со широчина од 1,6 м. и неограничена должина. Фотографиите се печатат на самолеплива хартија за автомобили, за камиони, за светлечки реклами, излози на дуќани, рекламни паноа, дури и своевидна рекламна заштита од сонце на посебен материјал. Фотографскиот занает постепено се насочува кон печатарството. 

          – Со зетот Пеце Попоски продолжуваме по стапките на дедо ми и татко ми. Од 90-ите години сме автоматизирани и не работиме рачно. Инсталирани се  модерни машини за колор фотографии. Сменети се неколку, а најголемата промена е од 2002 година, кога влезе дигиталниот процес. Со новата техника нема повеќе муштерии, но се прошири асортиманот. Покрај фотографиите, се подготвуваат фотоалбуми, ексклузивни покани, каталози, визитки, флаери… Практично тоа е полуофсет или мал тираж за добра цена. Веќе печатиме билборди, не напуштајќи ја класиката за матурските таблоа. Со дигиталните апарати, многу се фотографираат, а малку се бараат слики, во споредба со некогаш, кога со филм ќе се извадеа 36 фотографии. Сега се прават стотици снимки, кои се чуваат на компјутер, на ЦД или на стик, иако тоа не гарантира трајност во споредба со класичната фотографија. Малку се ставаат на хартија, опаднат е обемот на работа со исчезнувањето на сликите за пасоши, лични  карти и други документи. Со новата техника чекориме напред – објаснува младиот потомок на семејството Десоски во чија крв е фотографијата.

           Тој е изненаден од зачестеното барање на граѓаните да се сликаат семејно, како пред многу години.

          – Семејства се овековечуваат на фотографија во студиото. Веројатно тоа го сметаат за спомен за наследниците. Некои се сликаат дома, но тоа им изгледа како импровизација, па се враќаат во студиото. Лани фотографирав шест-седум семејства, а пред тоа се заборави кога последен пат некоја фамилија дошла за заедничка фотографија. Се бараат големи црнобели фотографии, па и колор, за голема рамка, за некој од домашните ѕидови – вели Десоски.

          Тој се радува на младите ентузијасти кои се обидуваат да сликаат  уметнички фотографии, иако не се доволно умешни со дигиталните апарати, но добро е што покажуваат интерес.

Мате Десоски – добитник на Третоноемвриска награда

Комисијата за доделување на награди и признанија Трети Ноември се определи во 2010 година да му додели диплома – Трети ноември – постхумно, на Мате Десоски, за придонесот во развојот на занаетчиството и за особеното залагање во запишувањето на градската историја на фотографија.

Loading