Фудбал: 11 Октомври останува без спонзор на 23 мај
Последното место е антиреклама – смета претседателот Спиркоски
После три години, разделба на Витаминка со ФК 11 Октомври, кого го внесе од трета до втора и прва лига. Фирмата донесе одлука за напуштање на спонзорирањето веднаш по крајот на првенството. На 23 мај е последниот прволигашки меч на гости кај Брегалница во Штип. Откажуваме, главно, поради неуспехот. Последното место е антиреклама, наместо засилување на брендот. Годинава типуваме на средина на табелата, а после борба за Европа. Многу добивме со спонзорство на кошаркарите на ЕП, а сега обратно со 11 Октомври – смета Димитар Спиркоски, претседател на клубот. Има и други причини. Зарем требаше да се остави Витаминка осамена, без поддршка од другите големи претпријатија? Во странство за еден клуб даваат по стотици фирми, кај нас се остава на една. Никако да се разбие синдромот. Фудбалот е скап спорт и за буџет од пет – шестотини илјади евра годишно, треба многу фирми да се обединат. Очекувавме да се приклучат други компании, но тоа не се случи. Немавме никаква помош. Сами обезбедивме добри услови, зимски подготовки. Погрешна беше проценката дека можеме со истиот кадар од лани. Наместо 120, даваа 20 отсто. Разликата е голема од втора до прва лига – истакнува Спиркоски. Крупен проблем е теренот. Истиот е за натпревари и тренинзи. Играат уште неколку тима, младинци, жени. Клубот нема простории, а стадионот нема сопственик. Кој да одржува, кој да игра. Многу средства отидоа за таа намена. Нерасчистена ситуација. Многу работи не одвратија од фудбалот – подвлекува Спиркоски. Спонзорот и Управата на најчесен начин, ветија и остануваат до крај на првенството. В недела сите на трибина, за мечот со Вардар.