Фудбал: В недела (16, 30 ч.) 11 Октомври со петкратниот првак
В недела (16,30 ч.) е најинтересниот дуел до крајот на првенството, со оглед на гостувањето на најзвучниот ривал, Вардар. Петкратниот првак атакува на шестата титула, без ниеден пораз во 27 кола. Домаќинот 11 Октомври е на дното, но не се предава. Како Шкендија пред две недели, може да се сопне уште еден фаворит. Нема бегање од вистината дека Вардар е многу силен и заслужено е прв, но не се предаваме. Мотивирани сме токму на вакви дуели младите да дадат максимум и да се покажат. Трибината ќе е полна, имаме навивачка поддршка, и редно е да возвратиме – вели Тони Наумоски, тренер на 11 Октомври. Вардар отсекогаш бил фаворит и против Победа во минатото, но никогаш не му било лесно под Маркови кули. Есеноска во првото коло, пред 5000 гледачи, скопјаните одвај победија со 0-1, со голот на Филип Ивановски. Тој е голгетер во лигата со 20 гола, осум повеќе од третиот Благоја Гешоски. Може да се очекува и двобој меѓу нив, да се види на дело кој што може.
– Одиме на надигрување. Ништо не губиме. Треба да настапуваме борбено и одговорно. Имаме пропусти во одбраната, примаме ефтини голови и на тоа работиме. Тимот има што да покаже во иднина, а со Вардар не е штета и да загубиме, зошто свесни сме за неговата моќ – истакнува Наумоски. За разлика од гостувањето кај Металург, загубен со 3-0, во одбраната неизвесен е повредениот Јовица Обрадовиќ.
Гостите со најсилен тим
11 Октомври: Игески – Г. Здравески, Димитриоски, Крстески, Дунимаглоски – Кулески, Наумоски, Ацески, И. Мирчески – Радески, Гешоски. Тренер: Т. Наумоски. Вардар: Захов – Илиевски, Бојовиќ, Таневски, Бошковски – Цикарски, Ранѓеловиќ, Стојаковиќ, Огбона – Петров, Ивановски. Тренер: И. Ѓорѓиоски.