Полезна игра

Спортски школи: Шаховска Станојоски

Низ Европа шахот станува училишен предмет, а кај нас добро е што децата членуваат во десеттината школи. Една од трите надвор од Скопје е на велемајсторот Звонко Станојоски, под спонзорство на ШК Алкалоид, сместена во просториите на ШК Прилеп, во Старата чаршија. Функционираме три години. Членуваат 14-15 деца од шест до 17 години. Некои заминуваат, други доаѓаат. Две групи работат двапати неделно. Предавам теорија, пракса и игра. Шахот е полезен за интелектуалниот развој. Според некои анализи, помага повеќе од математика – вели Станојоски. Младите шахисти добиваат и домашни задачи. Програмата е како во образовниот систем. Интересни се натпреварите, а таму се забележителни успеси. Највозрасниот, Мартин Николовски е трикратен државен првак за средношколци. Вреден е и пласманот на 4 место од помладиот Давид Манески. Екипата составена од Наум Стојаноски, Давид Манески, Гошо Галески и Андреј Галески е вклучена во Лига, каде одигра реми со школите на Јачимовиќ и Недев, загуби од Богдановски. Децата имаат талент и желба. Натаму долг е патот и треба многу труд. Некогаш имаше пионерски, младински, сениорски првенства. Се укинаа во 2002 година. Сега нема многу мечеви, ама има компјутери. Преку нив се игра со некој од Америка, на пример. Веднаш се гледа разликата. Напредуваат тие кои редно работат – истакнува Станојоски. Велемајсторот не ја запоставува кариерата. Учествуваше на турнир во Пловдив, каде беше шести, викендов е во Тиват, а в лето е најважното во Истанбул – Олимпијадата.

Loading