Пред неделниот хуманитарен концерт за доградба на црквата Света Петка во Точила
Орде Стамболџиски – Градењето на црквата во Точила требаше подамна да се случи. Урбана населба е и потегот со донирањето е историски зафат. Ја поздравувам и поддржувам одлуката, без разлика што можеби е малку задоцнета, но кога се во прашање храмовите, никогаш не е доцна. Им честитам на сите стопанственици и луѓе кои донираа. Градов располага со голем број на иконописци, меѓу кои сум и јас што цртам по делата на иконописецот Дичо еве се нудам бесплатно да го направам целиот иконостас, по сите канонски правила. На градов му е потребен тимски дух, треба да се работи колегијално и без лични интереси.
Рената Андрееска – Како мала живеев во Точила. Уште оттогаш паметам дека беше нужна потребата за верски објект. Граѓаните далеку одеа пешки или со скап такси превоз да ги задоволат верките потреби. Ги ценам и почитувам и помагам во напорите вградени во градбата на световните и духовни објекти. Се радувам што се гради црквата Света Петка затоа што ќе се скрати времето на патување за луѓето што сакаат да ги остварат духовните традиции. Ги поздравувам донаторските конференции. И ние, наставничкиот колектив, собиравме средства. Со донирањето секој кој придонел во изградбата, на некој начин ќе може да рече дека тоа е негов храм.
Василе Пејкоски – Одамна живеам во Точила. За населбата со над 30 илјади жители потребен е сакрален објект. Тој ќе претставува духовно богатство кое не може да се купи со пари, туку ќе биде наше наследство за следните генерации. Убаво ќе е да се има црква во близина на местото на живеење за да може да се искажат мислите пред Бога. За постари, е прекупотребен храмот, за да не се изложуваат на трошоци. Поблиску ни е црквата Свети Никола во Варош отколку трите градски.