ГОДАМ
“Годам” е една од првите фирми кои на електронската аукција купија плац во индустриската зона Прилеп 1 со што го решија просторниот проблем. Со овој инвестициски чекор кој го направија исклучиво со сопствен капитал, фирмата планира во новиот производствен погон кој ќе го изградат, да ја постават опремата и да тргне линијата за конфекционирање и пакување во помали количини на производите како капучиното, прашокот за шлаг, сладоледот и други производи кои го имаат знакот “Годи квалитет”, а кои навистина им “годат” на потрошувачите. Две години барале локација за производствен погон, а индустриската зона дошла како прекрасна шанса за сопственикот Миле Илиески.
Работат со прашкасти прехранбени производи – капучино, шлаг, крем, производи по нарачка за слаткарите како смеса за фондан, марципан, прехранбени слаткарски бои и друго. Нивниот бизнис е врзан за работата со слаткарите , а подготвуваат материјали и за други фирми во прашкаста форма за пакување.
Постојат од 1993 година. Започнале најнапред со извозна дејност. Работат претежно на големо, но имаат и килограмски пакувања за на мало.
Сопственикот Миле Илиески не ја открива идејата како дошол да се занимава со прехранбените производи, кои бараат одредени услови за производство и чување. Тој по струка е економист и работел во Партизанка. Во бизнисот се пробал и со продажба и монтажа на ламинат.
– Со репроматеријалите кои почнавме да ги носиме од увоз, кои потоа и ги извезувавме, решивме да влеземе во систем на производство. Имаме екстра квалитетни материјали – вели Миле Илиески.
Соработуваат со слаткари низ Македонија, надвор од Прилеп, како и со дел слаткари од нашиот град.
Сакаат бизнисот да го развиваат со комплетно конфекционирање на производите. Планираат и ангажирање на неколкумина специјализирани стручни лица со што ќе може да произведуваат пакувања и за надвор од земјава. Имаат наследници за семејниот бизнис, ќерката е 4-та година на Технолошки факултет.
Нивната стратегија и тактика на делување е со ситни, но сигурни чекори полека да се развиваат. Кооперативно работат со многу фирми, беспрекорни им се односите. Со решавањето на просторниот проблем, ќе биде полесно и поперспективно за фирмата и имаат намера за зголемување на обемот на производството.