Вез на кожа

Џудистот Борче Тошески станал tatto уметник

Тетовирањето не е болно, туку чувството е како гребење

Гастарјбајтерите сакаат телата да им бидат декорирани со лав или сонце, а нашите се мераклии за други композиции на различни делови од телото

Единствениот професионален “тетовирач” во Прилеп е Борче Тошески. Од мал имал две страсти – џудото и сликањето. Од трето одделение цртал одлично, а идеите и темите сам ги избирал. Змееви, викинзи, шкорпии… се уметничките дела. Ама целосната посветеност на џудото го спречувала сериозно да се зафати со сликањето, па тоа го правел само на лето, кога немало интензивни тренинзи. Прво ги “тетовирал” другарите од основно, со фломастери и повеќебојно пенкало.

Првин сам создал машина

– Во средно индустриско училиште, ми се “трефна” насоката – техничар за ниска струја. Од љубов, сам направив машина за тетовирање од федерчиња од пенкала и електромотор од вокмен. Со примитивната рачна изработка имав голема клиентела. Сите сакаа да се тетовираат, а најбројни беа другарите од училиште. Немаше страв, ниту скепса кон мојот занает, оти мајка ми е медицинска сестра, па секогаш користев заштитни ракавици, а иглите ги стерилизирав во рерна. Во 1995 година го нарачав и првиот италијански каталог за тетовирање, кој ми го донесе познаник од Болоња. Не можам да ја заборавам првата профи тетоважа – “срце со симболи”, а “заморче” беше другар ми Христијан – се сеќава Борче на аматерските почетоци. Од 1991 година е репрезентативец на Македонија во џудо. Имал јасно зацртана цел – спортски подвизи. Не се сеќава да има изгубено борба во сите категории, од пионер, кадет до сениор. Сакал да продолжи со џудото, ама во 2005 при трансфер од еден во друг клуб го загубил правото на натпреварување и се посветил посериозно на тетовирањето. Заминал во Скопје да создава тату креации во стан – студио. Во станот имало и фризери и шминкери и масажери, па постоела тензична атмосфера, која Борче не сакал да ја трпи.

Пиво и тату

Се вратил дома да биде “сам свој газда”. Првин сликал дома. Познаници му биле муштерии да “вметнат нешто под кожата”. Работел со професионална опрема од 2004 година, а во неа имало специјални игли, држачи, заштитна опрема, разни машинки и дисперзни бои.

Во јануари 2010 година отворил дуќан со сите потребни документи и опрема и го крстил “БОКИ ТАТТОО”.

– На студот, во зимскиот јануари – првиот месец имав преку 50 тетоважи. Темпото не се намалува. Во просек тетовирам 20-30 луѓе. Се случува во зимски период по неколку дена човек да не влезе, а лете не се “зема здив”. Прилепчани зиме се набројни. Ги има и битолчани и од околниве места. За лето, а особено за Пиво-фестот имам голем број на муштерии од странство – кажува Борче.

Мераклии да се “дотераат” на телото се нашите Австралијанци. Им лежат патриотски мотиви со “сонцето” или “лавот”, за да ги потсетува на родниот крај.

– Данците, Швеѓаните, Германиците и Американците сакаат лична симболика за нив. Секој има замисла, која заедно ја реализираме. Прилепчани, никако да создадат свој имиџ. Сакаат тетоважа само за да се фалат дека имаат тетоважа. Машките сакаат понападни и поголеми тетоважи на видливи места, а од понежниот пол ги бендисуваат мали, дискретни тетоважи на помалку видливи, интимни места. Се тетовираат луѓе од 18 години и нема горна старосна граница. Доаѓаат луѓе на 60 годишна возраст и постари. Доколку малолетник сака да се тетовира, родителот мора да е присутен – објаснува Тошески.

Според него, најреално е цената да се оформи по сатница, односно колку време трае тетовирањето. Работата бара внимание на деталите и не смее да се погреши. За некои тетоважи потребни се повеќе од три часа.

Борче вели дека тетовирањето не боли при бодењето со машината, туку се чувствува некаков вид на гребење.

– Муштериите се жалат на болка додека се бриши местото, зошто постојано се иритира кожата. А, и тоа не е некоја голема болка. Зависи од местото. Поболно е на стомакот и градите, оти има повеќе нервни завршетоци. Речиси нема човек кој после првата тетоважа не се вратил за втора или трета – вели Борче, додека нетрпеливо го чекаа муштерии.

 

Тошески, цели 20 години е државен првак во џудо. “Не се бројат”  наградите и настапите на меѓународна сцена. Не го заборава џудото. Од 2006 до 2008 година пробал да биде тренер на клубот “СЕИШИН”, ама заради недостиг на простории се откажал. И сега вежба постојано и се натпреварува на меѓународни натпревари.

Loading