ПРОДОР – ПРОБИВ


“Наше е да работиме, тој нека зборува што сака”.

“Твое е да решиш”.

Имаат ли овие реченици некаква логика и некакво значење? “Наше е да работиме”! Што е тоа што е НАШЕ? “Твое е да решиш”! Што е тоа што е НЕГОВО, на тој што треба да реши нешто?! Едноставно, станува збор за преземање на некакви туѓи изрази, на некакви недоследни конструкции, па би рекле дури и нејаснотии. Зар не е подобро и единствено точно, ако се рече – “Ние сме должни да работиме, тој нека зборува што сака”? Или едноставно – “Ние треба да работиме”?! Исто е и со другата реченица – “Ти треба да решиш”. Така треба, а не “Твое е да решиш”. Може, евентуално – “Наша должност е да работиме” и “Твоја должност е да решиш”. Рековме, дека сосема е нејасен и некомплетен исказот, ако речеме дека “Наше е да работиме” или дека “Твое е да решиш”. Грешка е употребата на ваквите конструкции, а ете нивната употреба е зачестена.

Соопштено ни беше од телевизијата дека во Прилеп завршил ТУТУНСКИОТ откуп. Сме се изјаснувале повеќепати за погрешните искази – АМАНДМАНСКА расправа, ДАНОЧНО затајување и така натаму. Јасно е дека треба РАСПРАВА за АМАНДМАНИТЕ и ЗАТАЈУВАЊЕ на ДАНОК. Случајот со ТУТУНСКИОТ откуп, не натера повторно да се вратиме на овој проблем, на овие грешки кои се многу, многу чести особено на телевизиите. Се прашува човек, од каде произлегуваат и зошто се прават ваквите грешки?! А ги слушаме, не од случајни луѓе, туку од интелектуалци. Најмногу од новинарите. Тоа го прифаќаат и обичните луѓе незнаејќи и неразмислувајќи дека е погрешно. ТУТУНСКИ откуп! Тутунот е една од земјоделските култури. Знаеме дека откуп се врши и на сите други земјоделски производи. Некои фирми откупуваат компири, некои кромид, некои грозје, некои моркови и така натаму. Можеме да редиме многу, многу такви откупувања. Но, не е тоа целта. Сакаме да го поставиме прашањето, како би звучело откупувањето на компири, на пример? Дали ќе речеме дека започнал КОМПИРСКИОТ откуп? Или, можеби, КРОМИДСКИОТ откуп, МОРКОВСКИОТ откуп и слично?! Во зимскиот период, во последно време, актуелни се тиквите. Ако почне некој да ги откупува, веројатно телевизијата ќе не информира дека отпочнал – ТИКВАРСКИОТ откуп. Зборот ТУТУНСКИ е всушност придавка, квалификативна. Во овој случај нас не не интересира каков е откупот по својот карактер, туку е важно тоа дека започнал ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ. Исто како она со амандманите. Значи, ќе се РАСПРАВА ЗА АМАНДМАНИТЕ, а не станува збор за тоа каков карактер ќе има расправата. Затоа е погрешно АМАНДМАНСКА расправа и ТУТУНСКИ откуп, како и ДАНОЧНО затајување. Слушнавме од една телевизија и една ваква глупост. ПРИВРЕМЕНАТА спогодба со Грција сите ја викаат ВРЕМЕНА (погрешно), но една новинарка од Скопје соопшти дека била прекршена ВРЕМЕНСКАТА спогодба! Уште што ли не ќе чуеме од нашите новинари?! Значи, произлегува, дека ние сме имале со Грција спогодба за времето, за временската ситуација?!

Мошне често слушаме една грешка кога ќе се зборува за недостатокот на вода. Во последно време проблемот со водата се појавува и во Прилеп. Намалено е количеството што дотекува од изворот “Студенчица”. На прилепската телевизија тоа е честа тема. Слушаме дека ИЗДАШНОСТА на изворот била намалена и некои од високите зони во градот немале вода. ИЗДАШНОСТ не е наш збор. Намалена е ШТЕДРОСТА на изворот. Тоа е правилното. Но, ете новинарите, многу ШТЕДРО користат туѓ збор ИЗДАШНОСТ.

За крај ќе набележиме уште една крупна грешка на висок политички функционер од областа на културата: “Македонската култура ПРОДИРА во светски размери”! Сета реченица не е баш најдобро конструирана, но најголемата грешка е направена со употреба на глаголот ПРОДИРА. Тој во нашиот јазик гласи ПРОБИВА (се). А српската именка ПРОДОР на македонски гласи – ПРОБИВ.

Имаме повеќе речници, повеќе граматики, од повеќе автори. Имаме и Правописен речник, сепак се прават многу, премногу јазични грешки. Треба понекогаш да ги земеме напомош овие книги чија функција е токму таква. Но, ете, тие си остануваат по витрините, прашината ги покрива, а ние си тераме, како што си тераме.

До кога?!

Благоја Ивчески

Loading