Куќата на Бектешовци, градена 1923 година од битолски мајстори, ќе се “облече во старото” руво со акцијата за реставрација на фасадите на старите архитектонски градби во земјава. Убавицата покрај реката е една од 250 фасади со староградска архитектура, за кои Министерството за култура оддели пари за обнова и враќање на автентичноста. Реконструкцијата ќе чини три милиони денари. При крај сме со проектот, а потоа претстојат градежните зафати. До есен куќата на Бектешовци, како објект заштитен со закон, ќе го добие автентичниот лик. Куќата има историско и културно значење – вели Гордана Данилоска – Спироска, директор на Заводот и Музеј. Луксузното здание, со физиономија на црковен храм има два ката, поткренати на подрумски простории. Располага со неколку соби, голем салон со тавани повисоки од три ипол метри. Фасадата на грандиозниот објект била украсена со сегменти на барокни и ренесансни релјефи. Главниот влез бил декориран со антички столбови и мермерни широки скалила, а дворот “накитен” со гранитни делкани блокови, кои завршуваат со железна кована ограда, вајана со уметничките раце на чеканот на прилепските ковачи.