Мали математичари

Им нема регионална конкуренција на четвртоодделенците Јована Стојческа и Кристијан Селчанец од ОУ “Климент Охридски”. На натпреварот во ОУ “Добре Јованоски” меѓу сто ривали од локалните општини, го освоиле третото место. Критериумот бил таков што, немало ученици со доволно освоени бодови за прво и второ место, па третото станало највисоко. Ментори на малите математичари им се наставничките Милка Андоноска и Весна Велјаноска. Од дадените пет задачи ниту една не “утнале”, оти не биле тешки, иако менторите велат дека биле претешки за возраста. Обајцата добиле дипломи за понатамошен поттик за изучување на тајните на егзактната наука.

Кристијан, освен што знае да пресмета волумен на топка, знае и да манипулира со неа. Член е на ТК Винер – Про. Освоил и прво место на државен натпревар во Скопје и трето место на Балканијада во тенис во Дубровник, Хрватска. Не се за чудење успесите, ако се знае дека тренира по шест дена во неделата уште од три ипол години. Се подготвува за поважниот, меѓународниот турнир во Пула, Хрватска.

Јована ќе си ја тера математиката сериозно. Сака да стане наставничка. Чита книги, излегува надвор за играње со другарките, а омилена игра í е “не лути се човече”, која ја игра со сестра í.

Loading