
Уште едно електронско наддавање за девет плаца за градба на фабрики во зоната Прилеп 1 или Металец се изведува денеска. Градските власти продаваат атрактивни локации за погони од лесна незагадувачка индустрија со почетна цена од едно евро за метар квадратен. Плацевите се со површина од 1300 до 1990 метри квадратни, на кои можат да се градат објекти во просек од околу 50 отсто од просторот со приземје и кат. Наддавањето се изведува со чекор од сто денари. Дознаваме дека пристигнале и уплатиле учество од десет отсто за сите локации 19 фирми од земјава. Поголемиот дел од заинтересираните се надвор од Прилеп. Има понуда за купување и од странска компанија…
Инаку, локалната самоуправа на претходното електронско наддавање понуди 12 парцели, а продаде осум. На три од парцелите немаше ниту една понуда. Конкурираа 29 фирми. Една од фирмите купи два плаца. Цените достигнаа од 161 денар до 461 денар за метер квадратен. Локалната власт инкасира околу 90 илјади евра.
Компаниите кои ќе ги купат плацевите, се должни да го платат плацот со склучувањето на договор и да добијат одобрение за градба, откако за шест месеци ќе ги подготват елаборатите. Локалната самоуправа презема обврска да ја подготви инфраструктурата за градбата и комплетно да го уреди пристапот. Цената на комуналните давачки е пет евра на метар квадратен покриен простор.
Од локалната самоуправа велат дека локациите што нема да се продадат ќе имаат втора шанса на нова електронска аукција во средината на мај. Локалните власти не соопштуваат дали ќе ги менуваат условите.
![]()

