Спортски школи: КГС Партизан
Тешка криза ја тресе гимнастиката не само во Прилеп. Многу клубови се откажуваат, а цврсто опстојува КГС Партизан. Тренерот Златко Ангелески располага со 56 членови. Најмали, четиригодишни, се Софија Ангелеска и Сара Петрова. Работат базични вежби за разгибување, флексибилност, сила. Првин е социјализацијата, па воведот во основите на овој спорт. Постепено ги подготвуваме за првите елементи во Б лигата. Оние кои вежбаат имаат резултати. На училишните натпревари, сите се наши победници – задоволен е тренерот Ангелески. Нема стари во гимнастиката. Најискусните се репрезентативците, 18-годишниот Дино Бошњак, 16-годишните Мартина Јездиќ и Ивана Јанкоска. Тие ги усовршуваат најтешките вежби за настап на турнирите во странство, бидејќи дома се неприкосновени. Од декември досега само тренираа и со душа ги чекаат настапите во Сремска Митровица и Нови Сад. Во Митровица на 25 април одиме со Спиркоска, Велкоска, Ангелкоска, Јанкоска, Јездиќ и Христоски. За Бошњак предизвик е Нови Сад, каде веќе го паметат по добро, потоа на ред е Благоевград – вели Ангелески. Клубот преку неделата тренира во Соколана, за викендите во Битола. Желба е организација на турнир во салата “Сонце” на 12 мај. Проблем се справите. Добро е градот да обезбеди справи. Убаво е талентите да се претстават пред својата публика – порачува Ангелески.