Продадени осум, од 12 парцели

Бесплатна објава

Сефтосана продажбата на плацевите за фабрики во зоната Прилеп 1

На 27 април ќе се продаваат уште девет парцели

На електронска аукција, осум македонски компании купија осум, од 12 понудени парцели за градба на фабрики во индустриската зона Прилеп 1. Со тоа се остварија очекувањата на локалните власти дека на бизнис секторот му е тесно за да ги реализира развојните зафати. Градоначалникот Марјан Ристески констатира задоволство од ехото на првото електронско наддавање за продажба на градежни парцели со почетна цена од едно евро, а која на една од парцелите достигна 462 денари. Беа заинтересирани 29 компании, а плацеви купија осум. Откако ќе го платат земјиштето, за шест месеци треба да го приложат проектот за градба на фабриките. Условите беа исти и за домашни и за странски фирми, но се јавија само домашни претпријатија – изјави Ристески.

Локалните власти не ги соопштуваат купувачите, бидејќи денеска одминуваат трите дена за приговори.

Инаку, продадена е површина од 24 392 метри квадратни, на кои можат да се изградат хали и погони за незагадувачка индустрија на површина од 9825 метри квадратни. Цената на парцелите достигна од 161 до 462 денари за квадрат. Општината во буџетот ќе инкасира 5,4 милиони денари или околу 90 илјади евра. Во наредните шест години инвеститорите треба да изградат објекти со висина до 7,6 метри, за кои ќе треба да ги платат комуналиите и да обезбедат одобрение за градење во рок од шест месеци.

Локалните власти нагласуваат дека давачките за комуналии се пет евра од метар квадратен покриена површина.

– Со парите од комуналии и од земјиштето, ќе се изгради инфраструктурата – рече Ристески.

Општината, на 27 април, ќе продава уште девет парцели за бизнис на електронско наддавање во индустриската зона Прилеп 1. Се нудат околу 72 000 метри квадратни. Локалната самоуправа најавува дека четирите непродадени парцели и, ако остане уште некоја од претстојното наддавање, ќе бидат  понудени за оттуѓување на трета лицитација, чиј датум дополнително ќе биде утврден.

Инаку, Општината утврдува уште две индустриски зони – едната спроти фабриката “Жито Прилеп”, а другата кај Сточниот пазар.

Loading