Даки производство од Беровци
Од гаража со пластични калапи до хала и машини
Браќата Дарко и Кире Милошески од селото Беровци веќе го легализираа досегашниот неформален бизнис со формирањето на фирмата Даки производство. Претпријатието е ориентирано на производство и монтажа на бекатон плочки. Вредните Милошески, по десетгодишното носење “две лубеници под една мишка”, односно, паралелно работејќи на производството на бекатон плочки и на секојдневните обврски во фирмата Крин, каде биле работно ангажирани, се определија лебот да го вадат од сопствениот ум, труд и искуство. Сметавме дека иднината е во приватниот сектор. Ориентацијата ни беше кон градежништвото, оти тоа ни лежи, не само со работата, поврзана во Крин, туку имавме и афинитети. Трагајќи по интернет, се определивме да произведуваме бекатон плочки. Овој производ изгледа дека е дефицитарен во Прилеп – објаснува постариот брат Дарко.
Првин работеле дома, во селото, во гаражата, со пластични калапи за плочки. Но, производството се барало, а муштериите не чекале. Затоа набавиле првин една, а после уште една полуавтоматска машина, за различни форми и дебелини на бекатон производство. Сметале дека бекатон плочките се перспектива и постепено ќе го заменат асфалтот, кој е непрактичен. Тврдат дека квалитетот на плочките е највисок, бидејќи камените гранулати со соодветни димензии ги добиваат од гостиварски каменолом. Не штедат ниту на цементот, ниту на моќта на машината да го притиска бетонот и да го оформува во плочки во различни изгледи и дебелини. Опремата ја инсталирале во новата хала од околу 200 квадрати.
– Ја регистриравме фирмата Даки производство и организирано настапуваме со продажба и монтажа на плочки. Работата има иднина. Засега произведуваме околу 50 квадрати дневно. Ангажиравме и двајца вработени. Негуваме надеж дека со работа ќе ја осовремениме продукцијата и ќе го зголемиме производството на различни форми и дебелини на бекатон плочки. Не е исклучено и да ја прошириме палетата. И сега произведуваме рабници, но можно е да се зафатиме и со други бетонски производи – вели Дарко, додека не работи и чека гости за семејниот празник.
Младите и храбри браќа се убедени дека постепено, со напорна работа и многу пот ќе успеат во бизнисот. Откако ќе земат залет, се носат со идеја да набават и автоматска машина. Сето тоа ќе го чинат претпазливо, со сериозни анализи на пазарот, без задолжување, туку реинвестирање на плодовите од засучените ракави. Додека ѕвонат телефоните, не само од гостите, браќата Милошески велат дека се потпираат на сопствени сили, дури и со екипата, подготвена за монтажа на плочките. Информираат дека не се само производители и монтажери. Работат и по системот “клуч на рака”, што значи просторите ги пополнуваат, бетонираат, тампонираат, набиваат. На крајот финализираат со бекатон плочките, кои се даваат во експлоатација да траат со децении.
![]()

