Ракомет
Продолжуваат активностите за реактивирање на машкиот ракометен клуб РК Прилеп, згаснат во 2010 година. Дознаваме дека претседател е Александар Мариноски, сопственик на конфекцијата Кули. Следи конституирање на управата, каде членови се претставници од повеќе други фирми, некогашни ракометари, но и од локалната власт, со оглед на поддршката од Општината.
Претстои оформување на стручен штаб. Се шпекулира дека кандидати се Орде Илиоски, Страшо Илиески, Ице Соколоски… Се очекува решение наскоро и старт. Меѓу играчкиот кадар нема многу избор, бидејќи многумина се откажаа, а некои заминаа во странство. Екипата ќе биде со мнозинство млади, на кои добредојдено им е натпреварувањето во понизок, прволигашки ранг, за собирање искуство. Претстојат месеци тренинзи, а сезоната стартува наесен. За тренинзи и натпревари опција е салата “Сонце”.
Ангеловски со грчки пехар
Бекот Филип Ангеловски со екипата на ПАОК Солун го освои грчкиот куп. Во финалето победија 25-24 против АЕК Атина. Поранешниот член на Тутунски, Вардар и РК Прилеп, игра добро и во првенството. На 18 меча даде 48 гола, а ПАОК е трет зад Аргос и АЕК.