Колапсот на оранжериите

Неколку десетици хектари земјоделски површини под оранжерии наскоро ќе исчезнат од просторот во продолжение на типската населба. Локалните власти ја проектираа државната локација за изградба на луксузни куќи по европски стандарди во населбата, која ќе никне, а уште отсега е крстена Градина.    Пред четириесетина години, од оранжериите на некогашниот земјоделски комбинат Прилеп излегуваше огромна продукција на раноградинарски култури. Домати и краставици во декември, јануари и февруари се пласираа на огромниот пазар на поранешната ЈУ. Во дел од стаклениците се одгледуваа и каранфили. Оранжериите го загубија економскиот сјај со растот на цените на нафтата. Објектите, градени по бугарски стандарди, се загреваа со нафта и мазут. Огромните трошоци ги “изедоа” доматите и краставиците. Градинарските култури достигнаа цена далеку повисока од џебот на потрошувачите. Затоа веќе две децении лете се импровизира некакво производство на краставици – корнишони на одржаниот здрав дел од оранжериските конструкции. Дел од стаклениците ги однесе и ветерот. Неколку хали се урнаа под силата на природната стихија, но и поради неодржувањето. Искршените стакла  придонесоа да се распаднат оранжериите. Некои од наследниците на ЗИК Прилеп кренаа раце од рестартирње, оти, со сегашните, а и со доскорешните цени на горивата за загревање на оранжериите, есапот излегува дека доматите се растени на Северниот или на Јужниот Пол. Сликата сведочи за некогашното оранжериско производство, а денешните се руина.

Loading