Во еден прилепски двор пред педсеттина години останала расипана од бугарски роднини старата руска “Волга”. Според легендата на сликата, роднините кренале раце од раскошната машина, во чиј луксуз успевал да ужива бугарскиот комунистички крем. Дефектот бил баѓи голем, а и гумите биле “ќелави”, излижени до жиците. Останала “Волгата” да служи за сликање. Но, и за играње на децата. Се радувале кога ќе седнеле на седиштето, кога ќе успееле да го завртат тешкиот волан неколку милиметри, оти автомобилите се броеле на прсти. За тоа време, рускиот џин бил атракција, не само по должината, туку и по формата. На “дизајнот” и аеродинамичната линија им немало рамни. Не се знае каква била потрошувачката на гориво, но се знае дека немало мајстор да го одстрани дефектот. Побројни биле ковачите, коларите и налбатите. Градот вриел со магариња, маски и коњи. Тие служеле за пренесување на тутунот од нива, за однесување на народ на монопол на зима. Наместо бензински пумпи, се најдувале повеќе места за продажба на сено и слама, за зоб и друга храна за запрегата. Резервните делови за автомобилите биле сон. Но, многубројни биле самарџиите, ортомџиите и амутчиите.