Нема да си прилегаме на себе, ако не се изрезилиме во секоја пригода. Точно така. И тогаш кога е најмалку потребно.
Ни дојде на гости принцот од Кент. Висок гостин. Го испречекаа нашиве државници на највисоко ниво. Новинарите, како што е редот, не известуваат. Добивме информации од сите страни. На неколку телевизии слушнавме дека ни дошол на гости НЕГОВОТО ВЕЛИЧЕСТВО – принцот од Кент. Го слушнавме тоа и од неколку министри и од некои врвни политичари. При директните комуникации, некои дури и така му се обраќаа – ВАШЕ ВЕЛИЧЕСТВО.
Признаеме дека црвенеевме, дека се срамевме, нé обземаше трема. Се плашевме дека, можеби принцот ќе го разбере нашиот јазик. Но, се тешевме со тоа дека тој не знае македонски, па белки нема да разбере дека без потреба го “унапредивме”. Не од сакање, туку од пусто незнаење. Луѓево не сфатија дека со ВАШЕ ВЕЛИЧЕСТВО им се обраќа на крал, кралица, цар, царица и воопшто – владетел. На принц и принцеза треба да се обраќаме со ВАШЕ ВИСОЧЕСТВО, а не ВАШЕ ВЕЛИЧЕСТВО.
Сме се произнесувале и во други пригоди за ваквата голема грешка. Како е можно новинарите да не го знаат тоа?! Како е можно лекторите (ако знаат) да преминуваат преку овие грешки?!
Вакви недоследности сме слушале и на други места. Во последно време народните приказни се мошне често застапени во ТВ. Во една ја слушнавме истата грешка, ама обратно. Таму, на царот му се обраќаат со ВАШЕ ВИСОЧЕСТВО, наместо со ВАШЕ ВЕЛИЧЕСТВО. Ваквите текстови сигурно се лекторирани. Значи, ни лекторот, ни актерите, ни режисерот не се свесни дека прават голема грешка. Одјавната шпица се движеше мошне брзо и не успеавме да забележиме кој е лектор. Само на крајот прочитавме дека режисер е Душко Ѓорѓиоски.
Повторно за принцот и новинарите. Тој зборува, а ние слушаме превод. Слушаме дека принцот ПОНЕСОЛ со себе делегација од бизнисмени. Како ли само успеал да ги ПОНЕСЕ? Како ли ги носел?! Тој сигурно не рекол така, но преведувачот вели така. Наместо да рече дека принцот ПОВЕЛ делегација со себе, тој вели дека ПОНЕСОЛ. Се носат предмети, а не луѓе. Предмети можат да се ПОНЕСАТ, а луѓе да се ПОВЕДАТ. Сигурно и во Велика Британија е така. Луѓето и таму се ВОДАТ, а не се НОСАТ, но нашиов преведувач не му се мисли многу.
Се прави овде и една друга, навидум, помала грешка. Титуларните именки како што е цар, крал, принц, кога одат заедно со име или презиме, никогаш не се членуваат. Испуштањето на членот во нашава комуникација веќе стана пословочно, а еве, таму каде што не треба се употребува. Никако не смее да се рече ПРИНЦОТ МАЈКЛ, туку ПРИНЦ МАЈКЛ. Како што е КРАЛ ПЕТАР (не КРАЛОТ), ЦАР САМУИЛ (не ЦАРОТ) и така натаму.
Во тие денови, додека Принц Мајкл присуствуваше во нашава земја, новинарите известија дека бизнисмените (што ги ПОНЕСОЛ) изразиле ПОДГОТВЕНОСТ за евентуални инвестиции во Македонија. Редовна грешка. Бизнисмените можеле да изразат ГОТОВНОСТ, а не ПОДГОТВЕНОСТ. Тие се ГОТОВИ (РЕШЕНИ) да инвестираат а не ПОДГОТВЕНИ. ПОДГОТВЕН може да биде тој што бил на подготовки, што се подготвувал – спортист, ученик, студент и слично.
Господа новинари! Ваше ВЕЛИЧЕСТВО, Ваше ВИСОЧЕСТВО, Ваши ЕКСЕЛЕНЦИИ, Ваше ПРЕВОСХОДСТВО! Барате слобода на медиумите! Имате право! Но. имате и обврски. Не заборавајте дека сте новинари во македонски медиуми. Не заборавајте дека треба убаво да го знаете и да го практикувате македонскиот литературен јазик. Барате слобода, но пребарувајте понекогаш и во Речникот и во Правописот и во Граматиката.
Благоја Ивчески