Компјутери против тутунски измами

Тутунарите добиваат евидентни листови, наместо бели картони. Картоните се документ со кој се елиминираа можноста од потпишување договори со повеќе откупни компании. Со електронското прибирање на податоците, се откриваат тутунарите со повеќекратно склучените откупни договори. Наскоро ќе се инсталира компјутерска програма со база на евидентирани податоци, со кои ќе се откриваат производителите кои склучиле двојни или тројни договори со откупните компании – велат во Министерството за земјоделство. Со ова, се поедноставува пријавувањето на планираното производство на тутун. Со измените на Правилникот, полесно се легитимираат одгледувачите на тутун. Инаку, евидентниот лист се добива со имотен лист, лична карта или со договор за закуп на земјиштето заверен на нотар. Со евидентниот лист се склучува договор со откупно претпријатие. Тутунопроизводството годинава пак зеде замав. Сé што е живо и  мрда, а е слободно и “орно за работа”, се врати на традиционалното одгледување на тутунот, оти лани цените беа атрактивни, а тутунопроизводството  добар извор за егзистенција, дури и за профит со одгледување на поголеми површини. Според оценките на стручнаците, годинава под тутун ќе се посадат најмалу 30 отсто повеќе ниви. Затоа уште владее јагма по ниви. Нема празна површина. Сé е изорано до педа. Пораснаа кириите, поскапе аргатската рака за кревањето на расадите. Дури и природното ѓубре има нова цена. Околу 15 илјади прилепски, долненски и кривогаштански семејства одгледуваат тутун.

Loading