Спортски школи: Карате Лукас
Шеста година на спортската сцена опстојува КК Лукас. Формиран е од тренерите Ахил Јаков и Златко Настески со цел младите, неинволвирани во ниеден спорт да се насочат кон источната вештина. Тајните за кати и борби заинтригираа стотина деца од три до 16 години. Тежнееме кон создавање елита од надежни каратисти, кои ќе се усовршуваат до ниво за настап со успех на домашни и меѓународни натпревари. Ги оттргнуваме децата од предизвиците на современиот живот, од опасноста на пороците – вели Јаков. Младиот од година во година станува голем клуб. Се усовршува стручната работа и условите. Покрај тренинзите, трипати неделно во салата од ОУ “Кочо Рацин”, се планираат подготовки за летниот и зимскиот распуст. На организациски план, концептот е: генерален, примарни и секундарни спонзори. На поддршката се одговара со резултати, а тие се веќе во долга низа. Учествувавме на стотина првенства. Задоволни сме со високите пласмани во Лутраки, Ларнака, Херцег Нови… Се појавија до пиедестал Константин Василески, Звонко Николоски, Давид Цветкоски, Андреј Нешкоски. Најголем успех е златниот балкански медал на ката тимот 1999, Василески, Мерипушкоски и Пејовски – смета Јаков. Формулата е “квалитет – волја – трпение”. Чекор по чекор, а следна акција е зачленување на повеќе девојчиња.