Петнаесеттина ученички од ОУ “Блаже Конески” “пустошат” низ Прилеп и регионов во ракомет. Трите Ивани, двете Михаели, Христина, Бисера, Андреа, Симона, Сандра, Сара, Ружица, Мартина, Кате, Викторија, Фросина, Мимоза и Лилјана се целина, која го заокружува ракометниот успех. Освоиле први места на општинскиот и регионалниот натпревар. Во финалето на регионалниот ја “демолирале” Битола со 14:7. Ги очекува државни “двобои” во Свети Николе. Најмногу стравуваат од Чаирчанки, ама не бледнее надежта за златото. За Свети Николе тргнуваат поддржани од цел автобус навивачи и очекуваат на трибините да ечи химната на ОУ “Блаже Конески”, “Ѕвонче ечи во Точила”. Во училиштето нема сала, па техниките и кондиционите тренинзи ги одржуваат во импровизирана училница и во салата “Македонија” под водство на наставникот Благоја Клечкоски. Тренираат трипати неделно. Сите го засакале спортот од мали нозе, затоа што тука излегува на виделина тимскиот дух, кој е клучен во ракометот. Нема хиерархија кај ученичките. Секој е подеднакво важен дел од екипата. Осмоодделенките ќе се распрснат, која во медицинско, која во лични услуги, која во гимназија…, ама ќе остане тимскиот ракометен дух.
– Ќе се слуша уште за овие таленти – вели наставникот Клечкоски.
Ивана Ѓеорѓиеска е и репрезентативка за националниот пионерски тим. Дала придонес за првото место на балканското првенство каде на паркетот “се кршеле копјата” со репрезентациите на Бугарија, Црна Гора, Србија, Турција и Косово.
Од спортските идоли ќе ги спомнеме Кире Лазаров, хрватите Балиќ и Карабатиќ, нашиот голман Борко Ристески.