Пребарувајќи нешто во книгите, во една од нив најдовме едно ливче (исечок од весникот “Дневник” ) од 28. Јануари 1999 година. Значи, пред 13 години. Сме го отсекле, сме го ставиле во книгата и сме го заборавиле. Тоа е всушност, писмо од двајца автори – прим. д-р Тодор Влахчев и д-р Страхил Газепов од Штип. Писмото почнува вака: “Почитуваниот господин Мето Јованоски со провокативниот наслов и брецливата содржина во својот осврт кон името Љубчо ни дава право да го изнесеме нашето размислување за тој “проблем”.
Написот на Јованоски не ни е познат но веднаш се гледа за што станува збор, за правилното, односно неправилното пишување на името ЉУБЧО.
Авторите на писмото велат: “Пишувањето на личното име и презиме е граѓанско и лично право на секој човек – тој може да го пишува така како што му одговара нему”.
Тие сметаат дека ваквото пишување на името ЉУБЧО не е грешка, но наведуваат грешки во Правописниот речник. (Очигледно грешат, мислат на РЕЧНИКОТ на македонскиот јазик). Велат дека таму се регистрирани зборовите: МРТВАЧНИЦА (наместо МРТОВЕЧНИЦА), ФИЛОЗОФИЈА (наместо ФИЛОСОФИЈА). Споменуваат и зборови кои, според нив, лесно се пишувале, но тешко се изговарале и ги набројуваат зборовите: СРЕЌКА, БИХАЌКА, ЕГИПЌАНЕЦ, ТИБЕЌАНЕЦ. Велат: “Попрво треба да си ја видиме гредата во своето око, потоа раската во туѓото”.
За МРТВАЧНИЦАТА имаат право Влахчев и Газепов. Во Речникот на м.ј. навистина е така напишано. Но веднаш се гледа дека е тоа техничка грешка. Сите други зборови со тој корен се напишани правилно – МРТВЕН, МРТВИЛО, МРТВО, МРТВОРОДЕН, МРТОВЕЦ, МРТОВЕЧКИ. А најголем доказ дека е тоа техничка грешка (треба МРТОВЕЧНИЦА) е тоа што зборовите со почетната буква М во Речникот, ја има обработувано Благоја Корубин, еден од нашите врвни лингвисти. Тој не би можел да направи таква грешка. За зборот СРЕЌКА, исто така, имаат право авторите на писмото. Гласовите Ќ и К во нашиот јазик не се трпат еднододруго и тоа треба да се избегнува. Но, зборот СРЕЌКА не е регистриран ни во Речникот на македонскиот јазик ни во Правописниот речник. Луѓето, ете, го употребуваат и прават грешка. Зборот БИХАЌКА е од оние зборови што “лесно се пишувале, а тешко се изговарале”. Но, во ниеден речник овој збор не е регистриран како таков. Секаде стои БИХАЌСКА, како што треба. Неодговорните луѓе за јазикот и тука грешаваат.
За другите зборови – ФИЛОЗОФИЈА, ЕГИПЌАНЕЦ, ТИБЕЌАНЕЦ, авторите немаат право да го напаѓаат Речникот. Тука постојат определени правила. И ФИЛО и СОФИЈА се грчки зборови. СОФИЈА значи мудрост а префиксот ФИЛО би значел љубов, наклоност кон нешто. Значи, требало ФИЛОСОФИЈА. Така мислат авторите на писмото. Но правилото вели дека кога се преведува од грчки и кога согласката С ќе се најде меѓу самогласки се заменува со З – Сисѕпхос – Сизиф. Така се добиени зборовите – КРИЗА, МУЗА, АНАЛИЗА, СИНТЕЗА, па и ФИЛОЗОФИЈА. Значи, правилно е ФИЛОЗОФИЈА, како што е во речниците.
Исто така правилото вели дека во нашиот јазик согласката Ќ се пишува и се изговара во имињата што означуваат жители на села, градови, области кои завршуваат на Т: ПИРОТ – ПИРОЌАНЕЦ, СПЛИТ – СПЛИЌАНЕЦ, БАНАТ – БАНАЌАНЕЦ, па според тоа и ЕГИПЕТ – ЕГИПЌАНЕЦ. Гласот Ќ се добива од ТЈ: СПЛИТ – СПЛИТЈАНЕЦ – СПЛИЌАНЕЦ, ЕГИПЕТ – ЕГИПТЈАНЕЦ – ЕГИПЌАНЕЦ. Ако именката завршува на Д тогаш ќе се добие Ѓ: БЕЛГРАД – БЕЛГРАЃАНЕЦ, ОХРИД – ОХРИЃАНЕЦ и така натаму.
И за овие примери не им е точна забелешката на авторите на писмото. Овие нешта се убаво објаснети и во Граматиката и во Правописот, а и на други места.
Да се вратиме сега на почетокот, таму каде авторите мислат и тврдат дека личното име или презиме носителот може да го изговара и да го пишува како што сака, односно дека, како што велат тие, секое правило имало исклучок. За ова сме се изјаснувале и порано, но еве и повторно. Човекот, да речеме, може да се вика како што сака. Добро, нека си се вика, но мора да се пишува со соодветната азбука на соодветниот народ. Македонската азбука е таква каква што е. Правилата се такви какви што се. Неможе кому како ќе му текне. Во случајов, во писмото станува збор за името ЉУБЧО. Не навлегуваме во тоа кој го носи тоа име. Човекот има право да се вика ЉУПЧО, ЉУПЧЕ, ЉУБЕ, ЉУБО и така натаму. Но правилото за едначење по звучност никому не дозволува да се пишува ЉУБЧО. Согласката Ч е незвучна и ја обезвучува и претходната Б и таа станува П. Тука нема и неможе кој како сака, туку како што треба.
Благоја Ивчески