Проект за млада екипа од градот

 

Фудбал: Тони Наумоски, нов тренер на 11 Октомври

Тимот на 11 Октомври има и четврт тренер сезонава. По Николче Здравески, Марјан Секуловски и Трајче Илиоски, шанса добива и Тони Наумоски. Некогашниот репрезентативец го прифати предизвикот – жешката клупа. Управата не сака тренер од страна и решението падна на мене, како координатор на младинските школи. Изградивме стратегија за подмладување на тимот. Имаме многу млади, талентирани фудбалери кои со нетрпение чекаат шанса. Време е да се одработи проектот за млада екипа од градот и околината. Со едно до две засилувања можеме до тим за наредната сезона, без оглед во втора или прва лига – вели Наумоски. Новиот стратег тргна одлично, со бод (1-1) од гостувањето кај фаворитот Работнички. Во екипата имаше новости. На голманското место се покажа Дејан Кебакоски, во средината влезе најмладиот Јорданчо Наумоски, а во напад со гол се врати Игор Мирчески. Ремито не го зголемува многу салдото, но значи многу за расположението. Нов бран оптимизам и елан се присутни во екипата, пред трите тешки дуели за седум дена, дома со Силекс и Шкендија, на гости кај Ренова. Се враќа самодовербата. Нема место за страв од ривалите, можеме со секого. Резултатите не се приоритет, туку создавањето тим. Не се откажеме  лесно од бодови. Задутре очекувам сигурна победа со Силекс – најавува Наумоски.

Натпреварот 11 Октомври – Силекс е в недела (16 ч.) на стадионот “Гоце Делчев”.

Семинар во Даблин

Наумоски во група од 10 македонски тренери четири дена престојуваше во Даблин, Ирска на семинар. Проследи предавања на врвни фудбалски стручнаци за работа со младите категории. Се запозна со условите и начинот на кој тренираат надежите во познатата фудбалска земја.

Соседите проговорија

По две години прв пријателски меч одиграа 11 Октомври и Победа јуниор. Дуелот се случи во средата. Гледачите прокоментираа “соседите проговорија”.

Тестот е од полза за двата ривала. Победи 11 Октомври со 3-0.

Loading