Ракомет: Жито Прилеп домаќин на Купот
Женскиот ракомет веќе е во нормален ритам, откако Жито Прилеп приврши со здодевната Регионална лига и се вклучи во домашната сцена. По двете првенствени победи дома со Гевгелија (39-31) и на гости кај младиот Металург (33-26) претстои богат викенд со дуели од четвртфиналната група на Купот. Прв ривал е Овче Поле од Свети Николе, суперлигаш. Ракометарките се наследнички на легендарната Гордана Нацева. Фаворити сме и очекуваме не само победа со Овче Поле, туку и на вториот меч со победникот од натпреварот Струма – Леов бартек. Сакаме влез во финалето, а таму борба за трофеј – вели Методија Петлески, тренер на Жито Прилеп. Добро е што има мечеви без пауза. Ракометарките се во натпреварувачки такт. Се разигра тимот од повеќе позиции. Ефикасни беа крилата Стојановиќ со 10, Здравевска и Павичевиќ по осум гола. Блесна и бекот, највисоката Мркиќ со девет гола. Формата се темпира за шампионот Металург. Играме и мислиме на Металург. Овие мечеви се тест. Гледаме каде сме добри, каде лоши, што може да се поправи во одбрана или напад. Зедовме залет и највисокото ниво мора да го имаме токму со најсилниот ривал, Металург – порачува Петлески. На располагање се: Јаломитеану, Наумоска, Дурланова, Павичевиќ, Стојановиќ, Мркиќ, Цветановска, Аџулеска, Здравевска, Илиеска, Серафимовска, Матановиќ и неколку младинки од Жито Прилеп.
Три натпревари
Гладната публика за ракомет може да проследи три натпревари за два дена во “Сонце”. В сабота (11, 30 ч.) е мечот Жито Прилеп – Овче Поле. Истиот ден (14 ч.) се среќаваат Струма од Струмица и велешки Леов бартек.
В недела (11 ч.) е финалето на победничките екипи.