Зенит е зенитот на прилепската јавност
Кога пред 4 години колегите ми ја пренесоа идејата за повторно заживување на локален весник, на местото од „Народен глас”, искрено бев многу скептична. Затоа што знаев колку многу труд треба да се вложи во следењето на настани, теми и актуелности, само да се одбележи една седмица од животот во Прилеп. Не дека не верував во нивните способности, но, навистина одговорноста која треба да се понесе е навистина голема. Не верував дека такво нешто може да опстои подолго време… – неколку години. Но, еве и тоа се случи, неделникот „Зенит” – не само што успешно го замени неколкудеценискиот простор на поранешното локално пишано гласило, туку и го надогради со нови содржини, свежина и капацитет да се наметне на читачката публика не само во Прилеп, туку и пошироко. Интересно е што тоа не е проста реплика на поранешното гласило, но нешто ново, а сепак препознатливо, народно, со јазик приемчив до целата читачка публика, ненаметливо, едноставно, секојдневно, потсетување, и најавување на настаните кои ќе следат.
Со ваков, и никако поинаков стил и контакт со читателот, неделникот „Зенит” ја создаде улогата на модерен „месинџер” со прилепчани. Секогаш „ин” и секогаш на лице место на настаните, но и предвесник на оние кои доаѓаат, за да потсети што не очекува. Храброста и истрајноста да се успее во ова време на превривање и себедокажување во секоја професија, а најмногу во новинарската, заслужува честитки. Неделникот „Зенит” е зенитот на прилепската јавност, и посакувам да остане секогаш така. Честитки за 200-от број!