Иванов шутираше топка за толеранција

Претседателот во салата “Сонце”

Gorge Ivanov

“Младите да сфатат дека спортот е начин да стекнат чувство да се натпреваруваат и меѓусебно да се запознаваат”. Ова го порача, Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, кој со децата и градоначалниците на Прилеп, Тетово, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и Врапчиште во спортската сала Сонце со шутирање топка го означи стартот на проектот “Спортот, како фактор за толеранција, заедништво и почитување”. Првата спортско културна манифестација, чиј прокровител е Претседателот, претендира да ги обедени сите млади луѓе преку спортот. Младите ги сплотуваме и им овозможуваме да спортуваат. Сакаме да сфатат дека живееме во земја со различни религии, националности, јазици и култури, и преку меѓусебното запознавање, да учат за таа различност и да ја почитуваат. Треба од мали нозе да ја сфатат реалноста дека мора да живееме заедно и тоа да го промовираме и чуваме. Младите треба да се натпреваруваат по добрина и успех и да научат дека во животот сé се постигнува со залагање и труд – изјави Претседателот Иванов. Градоначалникот Марјан Ристески смета дека секој граѓанин треба да ја негува мултинационалноста. Децата да се дружат и да се запознаваат, а спортот е одличен повод за дружење. Другарството што ќе се стекне, ќе трае – рече Ристески. Во проектот се вклучени и истакнати поранешни македонски спортисти. Поранешните фудбалери Артим Шакири и Тони Наумоски рекоа дека е нужно децата да гледаат дека спортот треба да им биде во прв план. Организаторите најавија документарен филм со одбележување на сите настани, кој ќе биде испратен во конкуренција на Конференцијата за мир и спорт, која секоја година се одржува под покровителство на Принцот од Монако, Алберт.

Loading