Основците од “Кочо Рацин” се како фантоми, тивки и ефикасни. Подолг период нема да се слушне за нив, а после следи “канонада” од награди. Последен пример се групата која во повеќе дисциплини учествувала и се закитила со дипломи и медали. Бистра Петреска е шестодделенка која на велеслалом во зимскиот центар “Копанки” освоила трето место на државно ниво. На Петреска, натпреварот í бил прв со поминување низ “рампи”, иако само од слики знае кога почнала да скија. Не се сеќава на првите скии. Ги минала сите скијалишта во Македонија. Последно време скија во Бугарија и Грција. Ако не е со зимската опрема, тогаш е со рекетот и жолтото топче на тренинг за форхенд и бекхенд во Тенискиот клуб Прилеп. На европското првенство во Бугарија освоила прво место. Уште двапати била на чело и на државните првенства. Се стреми да се “качи” на патеката Церипашина на Попова Шапка, но и во височините на Јанковиќ и Ѓоковиќ. Во слободно време свири клавир, поп или класика, баш тоа што сака да го слуша. Марко Маркоски со Андреј Патоски биле на натпревар по англиски јазик во “Петта приватна гимназија” во Скопје. Марко “побронзел”, а Андреј “посребрел”. Двајцата добиваат средношколска стипендија и олеснет прием, ако се решат да продолжат во скопската гимназија. Објаснија дека се барало знаење кое го нема во книгите, туку што се учи во секојдневието. Штета што Марко не слушнал за Агата Кристи, оти тогаш не му “бегало” првото место. Андреј имал дополнителна задача, бидеќи учествувал во натпреварот по хемија од колеџот “Јахја Кемал” каде успеал да биде трет од 180 учесници. Осмоодделенците ја меркаат овдешната гимназија. Андреј Ристески е прилепскиот Џеки Чен. Тој ги бранел репрезентативните бои на балканското првенство во карате, категорија борби во Црна Гора. Од 1170 учесници, нашиот шестоодделенец изгубил само во финалната рунда од турски натпреварувач. Пред тоа, “кутнал” на душек Турчин, Унгарец и Црногорец. Опашан е со црн појас. Тренира во КК “Спорт 94” и планира да професионално да се зафати со овој спорт. Сите наградени го трошат слободното време на Фејсбук, излегување в чаршија, играње на компјутер, гледање некоја серија и дружење со врсниците.