Спортски школи: Ракометна РК Филип
Во отсуство на машки сениорски ракометен тим, градот го претставува младинскиот РК Филип. Почна како школа, прерасна во клуб. Во салата “Маркови кули” со младите работи некогашниот пивот на Тутунски, Александар Танески. Одлична генерација, родени 1993-94. Машкиот ракомет има иднина. Високи, вредни, талентирани, имаме и репрезентативци. Можеме да ја вратиме светлоста на популарниот спорт. Мака се условите, оти се помалку од скромни – вели Танески. Услови е буквално проблем кај секој клуб. Се подразбира, финансиско – материјални. Не е лесно да се обезбедат термини во салата за тренинзи и натпревари. Има трошоци за опрема и патувања. Во РК Филип наместо функционирање употребуваат термин “вегетирање”. И за тоа минимално ниво, помагаат добронамерници. Некои плаќаат фактура за опрема, други за пат. Тешко е. Добиваме нешто и од локалната, но не е доволно. Потребно е вклучување на стопанствениците. Не се големи пари. Само да се обезбеди непречена работа наредните четири – пет години, да стигнеме до резултатите. Нудиме транспарентност на секој потрошен денар, за возврат успех. Влегуваме во плеј оф за шампиони – истакнува Танески. РК Филип се натпреварува во Младинската лига, група 2, каде е на трето место, под Пелистер и Младост Ресен, над Битола, Преспа и Кавадарци.
Вторник со Пелистер
Одложеното дерби на РК Филип со Пелистер е закажано за вторник (18 ч.) во салата “Маркови кули”. Се очекува трибината да биде исполнета. Гостинот досега знае само за победи. Навистина најсилен ривал, но имаме сили да се покажеме – најавува Танески.