На Економскиот Факултет
На чист македонски јазик, амбасадорот на Република Словачка во Македонија Роберт Кирнаг им одржа предавање на студентите и професорите на Економскиот факултет за процесот на ЕУ интеграција и одлучувањето во телата на ЕУ. Словачкиот дипломат немаше доволно време да ги пренесе сите искуства кои Словачка ги поминала во периодот пред и после ЕУ членството. Посочи дека двата народи се слични по култура и менталитет, па не е за чудење збратимувањето на Прилеп со словачкиот град Тополчани. Повлече паралела за двете земји кои во периодот од излегувањето од социјалистичкиот блок, имале исти маки. Словаците го нашле решението со брза транзиција и остри резови во бирократијата. Ја пофали економската соработка која е изедначена во однос увоз – извоз и кажа дека има место за подобрување. Според Кирнаг, Македонија заслужува членство во ЕУ и НАТО, но внатрешните проблеми не треба да бидат параван за билатералниот спор со Грција.