Фи-Пром
Гипс картонот од сомничав, стана главен материјал за интензивирање на завршните градежни работи
Фи – Пром е фирмата која повеќе од 20 години е ориентирана на трговија првин со прехранбени стоки, а последниве години и со материјали за завршни работи во градежништвото, како што се гипс картоните, преградните ѕидови, подовите, изолационите материјали за фасади, бои, лакови и слично. Накусо, сé, освен електрика , водовод и канализациски работи. Соработката со увозникот или производителот им е речиси директна. Сопственикот Петар Јорданоски во дводецениското постоење се труди да им излезе во пресрет на муштериите од градежништвото.
– Почнавме со прехрана, а после моето доаѓање од Русија, се ориентиравме на градежништво, оти по професија сум инженер по дрвопреработка. Работењето со гипс картонот го совладав во Москва, а паркетите ми се специјалност. Почетокот беше добар, а последниве години опаѓа прометот и монтажата на гипс картонските плочи и останатите материјали. Работиме и во Прилеп и Битола, а и во Скопје. Располагавме и со екипа за монтажа на гипс картон. Обучив 10 гипсери. Им честитам што посакаа да работат додека пријателите им се потсмеваа, а тие добро заработуваа. И кога заминаа, се добри – вели Јораноски.
Тој оценува дека гипс картонот е практичен и брз материал за вградување. По скептицизмот од пред повеќе од десетина години, сé повеќе се прифаќа меѓу инвеститорите. Објаснува дека и во Русија се гради брзо. На пример, зграда во елитниот дел на Москва на 16 ката се остава карабина, а муштериите само одбираат материјал и го уредуваат просторот според свој вкус и консултатации со архитекти. Изведбата е брза со гипс картонските ѕидови и облоги.
Јорданоски се жали дека доаѓаат рефлекските на кризата на Запад.
– Се чувствува кризата во светот, и се рефлектира во тоа што парите од бизнисот ги трошиме надвор. Луѓето ги потрошија резервите, а и нашите странци имаат проблем и со несигурните работни места. Владее страв и неизвесност. Особено малку се инвестира во знаење. Голем прашалник е задолжувањето за парцели во индустриската зона. Децата ми се во странство и тешко да кандисаат да се вратат по студиите во Австрија, додека јас сум при крајот на работен век – објаснува Јорданоски од објектот под наем во големина од 180 м2, што засега му ги задоволува потребите.
Мајсторите “кашкаат”
– Инвеститорите ги слушаат мајсторите, а не соодветниот човек. Тоа носи негативни искуства со мајсторите при употребата на материјалите. Тие ги мешаат работите. Не читаат и слушаат, туку тераат по свои, застарени и често неефикасни процедури. Жалам што понекогаш се штеди на ситно, а се губи на крупно. За половина евро пониско, се уништува проект, вреден седум – осум илјади евра – вели Јорданоски.