Банкарски, геодетски и физиотерапевтски техничари ќе се образуваат во три средни училишта во следната учебна година. Изборот на трите нови струки ќе го имаат околу 800 осмоодделенци. Тоа е дел од новиот конкурс, што Министерството за образование го распиша. Покрај триесетината профили во петте средни училишта, добиена е виза и за трите нови, поради интересот за школување и потребите на компаниите и институциите. Советникот за образование Марјан Матракоски вели дека ќе се профилира кадар кој полесно да најде работа на пазарот на трудот. Единствен во земјава е новиот профил – банкарски техничар – што ќе се изучува во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”. Физиотерапевтските техничари “ќе излегуваат” од СОУ “ Ѓорче Петров”, а геодетските од СОУ “Орде Чопела”. Со понудата за избор на 32 профили, настојуваме да ги задржиме децата да не се образуваат надвор и да привлечеме ученици од другите градови – рече Матракоски. Според конкурсот, првото пријавување за 1530 слободни места е на 14 и 15, а второто на 27 и 28 јуни. Покрај прилепските осмоодделенци, се очекуваат уште 200-300 идни средношколци од соседните општини.