Од Филисте комерц – млечен ресторан Страчатела
Сопственичката Валентина Ангелеска одбила да биде мајстор на уметнички торти во Грција и Австрија
Кога дарбата, љубовта и трудољубивоста ќе се спојат, вложениот труд прави чудо – симбиоза на слатко задоволство изгравирано во уметност. Во млечните ресторани “Страчатела” кои се наоѓаат на ул. “Кузман Јосифоски” и “Мице Козар”, мамат слатки и торти, од кои тешко некој може да се воздржи, а да не ги проба. “Лиги” можат да потечат и од бурекот, белите печива и разните лиснати производи кои “се топат во устата”. Рестораните се дел од фирмата “ФИЛИСТЕ”, која постои 18, односно официјално осум години. Сопствениците Валентина и Трајче Ангелески, името на фирмата го направиле како кратенка од имињата на нивните три деца Филип, Илчо и Стефани. Носителката на дејноста, Валентина, во крвта има пекарски ген од дедо, прадедо, од чичковци, а и сите тетки ги бидувало. Лозата ја продолжуваат и синовите. Веќе неколку години успешно се вклопиле во бизнисот. На Валентина í биле слатките – хоби, па завршила курс по слаткарство во Скопје. Собрала храброст за професионализирање на трудот.
– Почнав со голема поддршка на пријателите кои ме охрабруваа за сопствен бизнис. Одев доста кај познати за веридби, свадби, крштевки, кога децата ми беа мали. Имав љубов да украсувам, да правам торти, уште во тоа време, немаше како сега што се украсуваат. Одев на натпревари на: “Вешта жена”, на хуманитарни забави, секаде, од љубов, не за пари – вели Валентина.
Откако зачестиле нарачките, особено за невестинските торти, се јавила потребата за соодветни услови. Прво кујната дома ја преправиле во работилница и се проширил кругот на клиенти. Морале да отворат дуќан. Почнале во Точила, каде имале два објекти.
– Идејата за млечните ресторани в центар беше од децата. Пораснаа и почнаа со печива. Купивме цела линија машини за тесто,и веќе децата работат, освен најмалата. Не сакав ниту двајца да се ангажираат, оти навистина е многу мачна работа. Ноќна е, нема празник, нема викенд. Кога сите одмораат, ние работиме. Илчо е на факултет на психологија, ама повеќе го “трга срцето” за бизнисот. Сега му ги поделивме дуќаните со Филип, јас само помагам, а тие си го тераат бизнисот. Работам преку денот со слаткарство, со вработените, а ноќе тие работат печива, бурек и лиснато тесто. Продававме лиснато тесто низ цела Македонија, ама малку потешко беше со наплатата – вели Валентина.
Ја барале слаткари во Грција, во Виена. И нуделе екстра заработувачка, заради рачната изработка на украсите.
– Слаткарството е уметност. Од мала цртав слики и тоа ме одмора. Насликаното го реализирам на тортата. Ако се сака квалитет, мора да се почитува процедура и да тече по постапка, за што треба време и не е како порано, само тесто и фил. Нужно е да се стокми по вкусот на муштеријата. Внатрешноста на тортите треба да биде поквалитетна од надворешноста. Бидејќи внатрешноста носи муштерии, ако е квалитетна кога ќе ја пробаат, ќе нарачаат и други. Имаме алати, големи индустриски печки и го следиме развојот, во тек сме со времето. – вели Валентина.
Воопшто не ги плаши конкуренцијата. Во хотели, ресторани за свадби и крштевки, ги бараат тортите, бидејќи се со потврден квалитет, фискална сметка и гаранција.
– Секој месец правиме анализи на условите и материјалите. Постојано за 8-те вработени се вршат санитарни прегледи, имаат медицински прегледи и не можи да се работи во подруми. Гарантираме преку анализите дека производот е во ред – вели Валентина.
Белите печива биле идеја на синовите, прво почнале со пакувано лиснато тесто, а сега имаат и мајстори за бурек, оти бурекот е посебна професија и не може секој да ја работи. Иако синовите се млади, едниот е 24, а другиот 22 години, и студираат информатика, односно психологија, имаат мерак за пекарство и слаткарството. Не ги плаши кризата и не помислуваат за странство, туку проширување на семејниот бизнис со работа за снаите, па и внуците.