Сé во знакот на љубовта

Уште еден доказ дека струката не ја “заточува” личноста во “еднонасочна улица”, туку е мотив да се искаже што сакаат и што мислат се двете идни медицински сестри од СОУ “Ѓорче Петров”, Калина Симјаноска и Гордана Заркоска  од втора година, Ним им е “срцето” најдраг орган. Главна преокупација по учењето, им е пишувањето проза и поезија со љубовна тематика. Со сиот досегашен литературен “арсенал” учествувале на конкурсот на македонско-српската фондација “Дата песнопој”. Во 34 поеми на Калина, преовладувала  љубовта, проткаена со патриотска нишка. Дарбата ја открила во средно, оти почувствувала носталгијата кон родниот крај – Самоков. Емоциите ги канализирала во поемите кои í помогнале да ја олесни осаменоста во новата средина. Гордана, од другата страна, се “нафрлила” на прозата. По една година искуство со пишаниот збор го создала “Романот за љубовта”. Во конкуренција на 60 учесници, нашите девојки влегле во потесниот избор и им било понудено нивните творби да бидат испечатени и објавени во книга, која со мала партиципација од директорот Дејан Димоски и професорите излегла на виделина. Книгите, кои се доста интересни и нудат поглед на нештата од поинаков агол, можат да се купат по симболична цена во училиштето.

– Секој млад човек има слични сништа и интереси. Не е за изненадување што од ова занимање произлегуваат литературни творци со дела вредни за почит. Своите проблеми, љубовта кон неоствареното, љубовта што допрва се остварува се мотив на ученичките да пишуваат и духовно да се збогатуваат – вели менторот Билјана Тинтоска.

Калина после натпреварот ,,испеала,, уште 7 песни, а Гордана го подготвува вториот роман. Калина била наградена од Градската библиотека за месецот на книгата. Добила и пофалница од НВО “Инфо Сега” за денот на мајчиниот јазик.

Сé што работат или уживаат да прават е поврзано со љубовта. Без разлика дали гледаат романтични филмови и серии, ги слушаат нотите на Тоше, или читаат книга – секаде провејува духот на љубовта. Слободното време го користат како и сите средношколки, со седенки, излегувања во чаршија и ,,бдеење трета смена на Фејсбук,,.

Со пишаниот збор во срцето, а медицината во мозокот, двете планираат да продолжат со литературата – факултативно, а со  Медицински сериозно. Гордана сака да специјализира за гинекологија, а Калина ја “влече” пластичната хирургија.

Во меѓувреме, под закрила на менторот, ќе продолжат да пишуваат со “полна пареа”, затоа што се докажани во тоа поле, а и имаат допрва што да покажат. Двете апелираат до младите повеќе да читаат, затоа што со читањето расте имагинацијата и се збогатува креативноста.

Loading